/ Прочитано:

8.136

Адвокатските приправници да можат да се јават како полномошници во првостепените постапки од мала вредност – се сугерираат измени на ЗПП

Во интерес на стекнување практични искуства и правни вештини, младите правници и студентите по право препорачуваат измени на Законот за парничната постапка со која ќе се уреди можноста адвокатските приправници да се јават како полномошници во првостепените постапки од мала вредност.

Адвокатските приправници, посочуваат младите правници и студенти по право, со укинувањето на можноста да се јават како полномошници на рочиште пред основните судови ја изгубија можноста да се стекнат со потребните практични вештини за самостојно вршење на адвокатската професија.

„Укинувањето на можноста адвокатските приправници да застапуваат странки како полномошници на рочишта во предмети чија вредност не надминува 1.000.000 денари ќе ги остави адвокатските приправници без стекнување на практичното искуство што е потребно за  вршење на адвокатската дејност, односно застапувањето на клиентите во судски постапки“, образложуваат младите правници во Извештајот за ставовите, потребите и предизвиците на младите правници во РМ.

Како резултат на ова решение, истакнуваат младите правници, откако приправниците  ќе го положат правосудниот испит, како адвокати ќе можат да се запишат правници без ден искуство во суд, а кои ќе го имаат целосното овластување што го носи адвокатската професија, што може да доведе до пропусти и грешки при првите контакти со судовите, што пак може да повлече и штета за клиентите.

„Освен тоа, ваквото решение може да ја отежни работата на младите адвокати кои штотуку се запишале во Именикот на адвокати, од едноставна причина што јавноста, вклучувајќи ги и потенцијалните клиенти, ќе биде запознаена со фактот дека адвокатот нема никакво работно искуство во суд и тешко ќе се одлучува да му го довери својот предмет на работа“, се додава во Извештајот на младите правници, подготвен по спроведените јавни дебати на кои учествуваа млади правници и студенти по право.

Прашањето за промена на Законот за парничната постапка со чија измена ќе биде предвидено адвокатските приправници да може да го заменуваат адвокатот пред суд од прв степен, за спорови чија вредност не надминува 1.000.000 денари, често се нагласува во адвокатската фела.

 „Ваквата законска измена не придонесе до поквалитетно стручно усовршување на адвокатските приправници и зголемување на квалитетот на адвокатската професија, туку напротив на овој начин се деградира и маргинализира позицијата адвокатски приправник чија главна цел е стручно усовршување за полагање на правосудниот испит на идните адвокати и правници во Р Македонија“, се дел од коментарите на адвокатите и адвокатските приправници.

Своевремено адвокатот Глигорие Ќатоски, додека беше адвокатски приправник, преку иницијатива јавно побара измена на Законот за парничната постапка во врска со можноста за застапување од страна на адвокатските приправници. Со стариот Закон за парничната постапка, појасни адвокатот, беше предвидено адвокатот да може да биде заменуван од страна на адвокатскиот приправник кој е вработен кај него пред првостепен суд за спорови во вредност не поголема од 1.000.000,00 денари.

Барам, подвлече адвокатот во Иницијативата, враќање на старото решение во Законот за парничната постапка со кое, како што посочува, беше предвидено адвокатот да може да биде заменуван од страна на адвокатскиот приправник кој е вработен кај него пред првостепен суд за спорови во вредност не поголема од 1.000.000,00 денари.

„Се поставува прашањето како адвокатскиот приправник ќе се здобие со стручна подготовка како иден адвокат, кога важечкиот Закон за парничната постапка не предвидува застапување пред суд за адвокатски приправници“, истакна Ќатоски.

Ставовите и предизвиците на младите правници и студентите по право за правничкото образование, приправничкиот стаж и правосудниот испит

М.В