/ Прочитано:

1.466

АКЦИЈА „ЌЕЛИЈА“: Поднесено обвинение против 11 лица

„Овинителниот акт за случајот во јавноста познат како „Ќелија“ е даден на постапување кај Совет за оценка на обвинителен акт при овој суд“, се наведува во соопштението од Кривичниот суд.

Osnoven-sud-Skopje-1

Доцна попладнево Кривичниот суд во Скопје го примил обвинителниот акт поднесен од Обвинителството за организиран криминал и корупција против 11 лица осомничени за „Учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации“ од чл.322 а од Кривичниот законик.

„Овинителниот акт за случајот во јавноста познат како „Ќелија“ е даден на постапување кај Совет за оценка на обвинителен акт при овој суд“, се наведува во соопштението од Судот.

По оценката на обвинителниот акт ќе се знае дали предметот ќе биде вратен на доработка во Обвинителството, дали ќе биде отфрлен или доколку биде одобрен ќе биде закажано прво рочиште.

Покрај тоа, на сите единаесет обвинети лица кривичниот совет им го продолжил притворoт во траење од 30 дена.

Во акцијата „Ќелија“ спроведена на неколку локации во Скопје на почетокот на август минатата година беа уапсени девет лица кои беа поврзани со регрутација и логистика за странски терористички организации. Во продолжението на истрагата беа уапсени уште две лица.

Првоосомничен во случајот е имамот Реџеп Мемиши од скопската Тутунсуз-џамија. Истрагата, како што информираше тогаш Министерството за внатрешни работи, траела од септември 2014 година до јули 2015 година, односно од периодот кога во земјава беа создадени законските можности за кривичен прогон на лица што учествуваат или ангажираат борци во странски војски. За кривичното дело што им се става на товар предвидена е казна затвор во траење од 5 години.

Кривичната пријава опфаќаше 36 лица, од кои 11 беа приведени, а дваесет и пет се сè уште недостапни за органите на прогонот. За дел од нив се претпоставува дека сè уште се наоѓаат на боиштата во Сирија.

Лицата што биле регрутирани од Македонија не се приклучувале кон одредена терористичка организација, информираше тогаш МВР. Процесот на регрутација бил различен и долготраен, а опфаќал и повеќе лица, од кои само оние што покажувале најголем потенцијал заминувале во странство.