/ Прочитано:

1.338

Апелациониот суд ги отфрли како недозволени жалбите, првоосомничениот од „Тврдина“ ќе биде пуштен во куќен притвор

Во образложението на решението на Апелациониот суд Скопје стои дека решението на Кривичниот совет на првостепениот суд не е донесено во прв степен, така што не е дозволена жалба до повисокиот суд, па оттука првостепениот суд погрешно ги ценел и ги применил одредбите од членот 169 од Законот за кривична постапка.

osnove-sud-skopje-1.jpg

Апелациониот суд ги отфрлил како недозволени жалбите на решението на Кривичниот совет поднесени од страна на Специјалното јавно обвинителство и од одбраната на првоосомничениот во предметот „Тврдина“.

На првоосомничениот во предметот „Тврдина“, по предлог на Специјалното јавно обвинителство а со решение на судија на претходна постапка, му беше определена мерка притвор во траење од 30 дена. Одлуката на судијата на претходна постапка беше преиначена од страна на Кривичниот совет кој донесе решение за определување на мерка куќен притвор.

Како што информираат од Кривичниот суд, Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по жалбите на СЈО  и на осомничениот Г. Г., изјавени преку неговите бранители, против решението на Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција, донел решение со кое жалбите се отфрлаат како недозволени.

Во образложението на решението на Апелациониот суд Скопје стои дека решението на Кривичниот совет на првостепениот суд не е донесено во прв степен, така што не е дозволена жалба до повисокиот суд, па оттука првостепениот суд погрешно ги ценел и ги применил одредбите од членот 169 од Законот за кривична постапка.

Со ова, решението на Кривичниот суд станува правосилно, односно осомничениот, Горан Грујовски, началник во Управата за безбедност и контраразузнавање, од притворското одделение во затворот „Шутка“, каде што се наоѓа од средата вечерта, ќе биде префрлен во куќен притвор.

Одбраната на Грујовски сè уште го разгледува решението на Апелациониот суд. За нив е нејасно зошто е недозволена жалбата. Според нив, од една страна, и куќниот притвор е притвор и според ЗКП осомничениот има право на жалба до повисокиот суд, а од друга страна, и самиот Основен суд Скопје 1 поучил дека странките имаат право на жалба до повисокиот суд.

Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по жалбата на одбраната на осомничениот против решението на судија на претходна постапка, донесе одлука со која го преиначи решението на судијата на претходна постапка и мерката притвор за осомничениот ја замени со мерка куќен притвор.

Во врска со мерките предложени за останатите осомничени, Судот ќе одлучува в среда.

За второосомничениот, за четвртоосомничениот и за петтоосомничениот е предложена мерка за забрана на напуштање на местото на живеалиште и престојувалиште, одземање на патната исправа и обврска да се јавуваат во судот, како и забрана за вршење определени работни активности кои се поврзани со извршување на кривичното дело бидејќи лицата се сè уште во работен однос.

За третоосомничената, поранешната министерка за внатрешни работи, е побарано да ѝ бидат изречени мерки за претпазливост, одземање на патната исправа, јавување во судот и забрана за напуштање на живеалиштето.

Предметот „Тврдина“, кој го отвори Специјалното јавно обвинителство, се однесува на незаконско уништување на опрема на Министерството за внатрешни работи за следење на комуникациите.