/ Прочитано:

904

Бизнис-секторот бара во најбрз можен рок да се донесат измените  на Законот за туристичка дејност

Измените и дополнувањата на Законот за туристичка дејност, кои се веќе во најголем дел усогласени со надлежното Министерство за економија, да бидат донесени во најбрз можен рок за да се воспостави ред во туристичката дејност, порачуваат од бизнис-секторот.

Во меѓувреме треба да се доработи само уште делот на регулирање на гарантирањето на работата на туристичките агенции, дали ќе се примени банкарска гаранција или осигурителна полиса.

Воведувањето ред и менување и дополнување на дел од членовите во Законот е од големо значење бидејќи дејноста има континуиран раст и позитивен тренд, како во бројот на туристи така и во девизниот прилив.

„Предложените измени на иницијатива на туристичките агенции членки на Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија, но и од другите стопански комори во земјата, кои се прифатени од ресорното министерство, предвидуваат разграничување на туроператори (организатори на патувањата) и туристичките агенции (продавачи на аранжмани), потоа релиценцирање, односно обновување на лиценцата на секои две до три години со цел да се контролира дали агенциите ги исполнуваат условите за патување. Измените предвидуваат кој сè може да организира туристички аранжман и патување надвор од земјата, одделување на работата на туристичките агенции од автобуските превозници, дефинирање на општите услови на патување со подзаконски акт“, информираше на прес-конференцијата Славе Сирачевски, заменик-претседател на Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија.

Сирачевски изрази задоволство што најголем дел од предлозите од туристичката фела се прифатени и вградени во Законот и додаде дека останува да се допрецизира дали ќе се оди со опцијата банкарска гаранција или осигурување на аранжманот.

„Банкарската гаранција е многу важна за да може да ги заштитиме патниците во случај доколку се случи нешто, тие да се вратат безбедно назад. Некои од предлагачите предлагаат да се осигури аранжманот и во тој случај, ако се случи нешто, сите одговорности ги презема осигурителната компанија. Во овој момент не знаеме што ќе се избере, но во секој случај ова е позитивна работа за сите патници кои патуваат надвор да бидат безбедни“, истакна заменик-претседателот на Здружението, Славе Сирачески.

„Паралелно со измените на Законот за туристичката дејност, бизнис-секторот ќе бара регулирање и на организирањето на екскурзиите во основните и средните училишта во согласност со Законот за туризам“, посочи Даниела Михајловска-Василевска од Стопанската комора на Македонија.

Во првите четири месеци од годинава статистиката евидентира 232.530 туристи. Вкупниот број на туристи е зголемен за 2,4 отсто, но овој процент е помал во однос на истиот период лани. Бројот на странски туристи е пораснат само за еден процент, а бројот на домашни туристи за 5,4 проценти. Кај странските туристи доминираат оние од земјите со кои нашата држава традиционално има соработка во делот на туризмот, како што се: Турција, Грција, Бугарија, Србија, Албанија, Косово, Германија, Словенија, Хрватска и азиските земји.

Од Здружението на угостителството и туризмот алармираат и на активно вклучување на бизнис-секторот во креирањето на нова стратегија за туризам, која ќе треба да се изработи за периодот од 2021 година натаму.

Не помалку важно прашање е и моделот за субвенционирање на странски туристи, за кој туристичкиот сектор има доставено и официјално барање за промена, бидејќи искуството на терен покажува дека ефектите од него се максимално искористени и дека треба да се работи на надминување на слабостите. А тоа е дека треба да се направи разграничување во доделувањето субвенции според категоризација на објектите за сместување.

Уште еднаш на прес-конференцијата беше споменато дека е од особено значење да се разгледа барањето за формирање совет за туризам на ниво на државата, имајќи предвид дека повеќе државни институции, покрај Министерството за економија, имаат надлежност во делови од законското регулирање на туризмот.

Бројни новини во предложените измени на законите за туристичката и угостителската дејност

На што треба да обрнат внимание патниците при склучување договор за туристички аранжман

За поголеми економски ефекти во туризмот неопходни се и измени на законската регулатива

Измени на прописите и стратешките документи од областа на туризмот

Угостителите предлагаат измени на законите за туристичка и угостителска дејност за елиминирање на сивата економија

Правата на туристите според Законот за туристичка дејност и специфики на договорот за ангажирање угостителски капацитети според ЗОО

Нелојалната конкуренција и непочитувањето на законите ѝ наштетуваат на туристичката дејност

ИНИЦИЈАТИВА ЗА ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА ТУРИСТИЧКАТА ДЕЈНОСТ: „Нелојалната конкуренција шири сива економија на туристичкиот пазар“

ЗАТВОРЕНИ ДВЕ ТУРИСТИЧКИ АГЕНЦИИ: Кога потпишувате – читајте ги договорите и инсистирајте на договор во писмена форма!

Правни совети за граѓаните и нивните права при организирани туристички патувања

M.В