/ Прочитано:

1.907

БОРЧЕ ДАВИТКОВСКИ: Нашата основна заложба е Правниот факултет да остане единствен извор за регрутација на кадри во правосудниот систем

Нам, на Правен факултет, ни е совршено јасно дека за оформувањето на квалитетен, стручен профил на дипломиран правник исклучително значење има практичното искуство кое, ние, како универзитетски професори не можеме сами да го вткаеме кај студентите.

Лидија Неделкова и Борче Давитковски

Презентацијата на Брионската изјава за начелата за независност на судството, токму на Правниот факултет, уште еднаш потврдува дека постои тесна врска меѓу теоретската мисла и судската пракса, рече деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Борче Давитковски.

„Ние, професорите и соработниците на факултетот, со задоволство ги инволвираме во практичната настава колегите судии, обвинители и адвокати со цел нашите студенти да се запознаат со практичните аспекти на работењето на правната фела“, рече Давитковски.

Нам, на Правен факултет, ни е совршено јасно дека за оформувањето на квалитетен, стручен профил на дипломиран правник исклучително значење има практичното искуство кое, ние, како универзитетски професори не можеме сами да го вткаеме кај студентите.

„Затоа, создадовме две училници судници каде што се изведува практична настава од страна на истакнати претставници на правосудниот систем“, потенцираше Давитковски.

Исто така, Давитковски наведе дека продолжува децениската традиција соработниците на факултетот заедно со студентите да присуствуваат на судења каде што ги учат првите чекори на поведение и постапување во судниците и судовите. Во сите студиски години, како што истакна Давитковски, се изучува и судската пракса, се разгледуваат судските извештаи што само е потврда за соработката меѓу факултетот и судовите.

„Се надевам дека ваквата соработка ќе продолжи и во иднина бидејќи нашата основна заложба е Правниот факултет да остане единствен извор за регрутација на кадри за потребите на македонскиот правосуден систем“, рече Давитковски.

Според Давитковски, независноста на судството во моментов претставува голем предизвик за нашето општество, идеал кој не е реализиран, цел кон која треба да се стремиме сите заедно, како правни теоретичари, како судии, но пред сè како граѓани на современото и модерно општество.

„Во храмот на науката ние правиме сè што е во рамките на нашите можности. Предаваме, укажуваме, зборуваме за вредностите, за моралната вертикала, за етиката и интегритетот и за личната и професионална одговорност со која мора да располага секој иден судија, секој кој ќе ја имплементира идејата за правдата и секој на кој основна задача ќе му биде правораздавањето и правичноста“, рече Давитковски.

Деканот потенцира дека студентите го учат правото за да го ставаат над и пред политиката и дека само знаењето е најголемата инвестиција која никој не може да им ја отуѓи.

Давитковски ги поттикна претставниците на судството со своето однесување да им бидат олицетворение и пример на студентите, да бидат нивниот идеал кој тие го замислувале седејќи во студентските клупи.

М. С.