/ Прочитано:

1.512

БОШКОСКИ: Очекувам ослободителна пресуда за „Ровер“

Љубе Бошковски, во изјавата што ја даде за новинарите пред Кривичниот суд, кажа дека очекува, како што очекувал и од самиот почеток, да биде донесена ослободителна пресуда, иако е трето повторено судење, т.е., како што тој го нарече, третиот круг на Дантеовиот пекол.

Љубе Бошковски пред Кривичен суд

Поради отсуство на обвинетиот Ивица Ристиќ, денеска повторно беше одложено судењето за предметот „Ровер“, во кој меѓу обвинетите е и поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски. Како што информираше бранителот на Ристиќ, тој вчера бил пренесен во болница во Куманово. Постои медицинска документација за неговите здравствени проблеми кои подоцна ќе му бидат доставени на судот како доказ.

Покрај Ристиќ, на денешното рочиште не присуствуваа и неколку бранители, поради што судијата Илија Трпков го презакажа судењето за 23 ноември.

Љубе Бошковски, во изјавата што ја даде за новинарите пред Кривичниот суд, кажа дека очекува, како што очекувал и од самиот почеток, да биде донесена ослободителна пресуда, иако е трето повторено судење, т.е., како што тој го нарече, третиот круг на Дантеовиот пекол.

Бошковски не сакаше да зборува за тоа што очекува да се случува на македонската политичка сцена и како ќе настапи неговата партија, Обединети за Македонија, на претстојните избори закажани за 11 декември.

„Тоа ќе го соопштиме во периодот што следува. Најверојатно до крајот на овој месец ќе одржиме Централно собрание каде што ќе заземеме јасен став околу понатамошните чекори, идните коалиции, блокови и слично. Се подготвуваме и спремни сме за предвремените парламентарни избори“, изјави Бошковски.

Судијата Трпков и денеска информираше дека првите четворица обвинети сè уште се недостапни за македонските органи на прогонот. Со првостепената пресуда, во отсуство се осудени Предраг Чубрило, Милан Илиќ и Милорад Ковачевиќ на казна доживотен затвор, додека пак Вук Вукичевиќ е осуден на 15 години затвор. Бошкоски доби казна затвор од 10 години и 6 месеци, првиот човек на обезбедувањето на Бошкоски, инспекторот Зоран Трајковски, доби 8 години и шест месеци, по 7 години добија Сашко Јовановски и Ивица Ристиќ, а по 5 години и 6 месеци Гоце Митревски и Никола Негриевски.

Обвинетите се товарат за убиствата на Марјан Тушевски и Киро Јанев, што се случија во Скопје, во јули 2001 година.

М. С.

„Ровер“ повторно одложен. Бошковски најави дека ќе се залага за подобрување на условите во затворите