На иницијатива на почесниот конзул на Турција, Уставниот суд поведе постапка за одредби од Законот за данок на моторни возила
Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на членот 15 ставот 1 точката 1 во делот: „освен за конзуларните претставништва водени од почесни конзули” и ставот 7 од Законот за данок на моторни возила. Иницијативата до Судот е поднесена од Ајдован Адемоски, почесен конзул на Република Турција во Република Северна Македонија, и др.
Според наводите од иницијативата, оспорените законски одредби не биле во согласност со членот 8 ставот 1 алинеите 3 и 11, членот 9 ставот 2, членот 51 и членот 118 од Уставот на Република Северна Македонија и со Виенската конвенција за конзуларни односи од 1963 година.
Имено, оспорените законски одредби не биле во согласност со членот 8 ставот 1 алинејата 3 и членот 51 од Уставот, со наводи дека тие биле непрецизни и двосмислени норми коишто ја нарушувале функционално-логичката целина на Законот за данокот на моторни возила, односно можност за нивно недоследно или различно применување во практиката, бидејќи од една страна пропишувале исклучување на конзуларните претставништва водени од почесните конзули од неплаќање на данок на моторни возила и од враќање на платениот данок на моторни возила, а од друга страна можност за плаќање само на 50% од пресметаниот данок на моторни возила, односно враќање само на 50% од платениот данок на моторни возила.
Исто така, се смета дека нивното уредување било спротивно со членот 9 ставот 2 од Уставот, според кој граѓаните се еднакви пред Уставот и законите, наведувајќи дека Републиката, односно нејзините органи требало да имаат еднаков однос кон граѓаните при нормирањето на одредени сфери од општествените односи, односно да не произведуваат нееднаков однос на државата кон граѓаните, што не било случај со конкретно оспорените законски одредби.
„Од анализата на содржината на оспорените законски одредби произлегува дека Законот предвидува целосно ослободување од плаќање на данок или враќање на данок за моторни возила наменети за службени потреби за дипломатски и конзуларни претставништва како и посебни мисии акредитирани во Република Северна Македонија, врз основа на начелото на реципроцитет, освен за конзуларните претставништва водени од почесните конзули, што значи конзуларните претставништва водени од почесните конзули, според оспорениот дел на член 15 став 1 точка 1) од Законот, ќе бидат во обврска во целост да го плаќаат овој вид на данок.
Меѓутоа, оспорениот став 7 на членот 15 од Законот, уредува исклучок од обврската за целосно плаќање на овој вид на данок, поточно конзуларните претставништва водени од почесните конзули може да бидат делумно обврзани за плаќање на овој вид на данок (при увоз ќе се ослободат од данок на моторни возила во износ од 50% од пресметаниот данок на моторни возила или ќе им се врати платениот данок на моторни возила за моторните возила кои се купуваат на територијата на Република Северна Македонија во износ од 50% од платениот данок на моторни возила), односно да бидат делумно ослободени од плаќање на овој вид на данок.
Според Судот, оспорените законски одредби не се јасни и прецизни, од една страна во поглед на целосното задолжување на конзуларните претставништва водени од почесните конзули за плаќање на предметниот данок, а од друга страна за нивно делумно задолжување, односно делумно ослободување, без критериуми и услови под кои конзуларно претставништво водено од почесен конзул, би било во обврска за целосно, односно делумно плаќање на овој вид на данок, што според Судот, истото не е во согласност со принципот на владеење на правото“, се наведува во решението на Судот.
М.В