/ Прочитано:

589

Дескоска: Ажурирање на гласачкиот список за да се овозможи сите да гласаат, но и да нема гласање повеќе пати во туѓо име

Министерката за правда, Рената Дескоска, се обрати на  конференцијата „Правна заштита на избирачките права“, која се одржа денеска во организација на Институтот за правни и политички истражувања (ИПИС).

Во своето обраќање, министерката Дескоска се осврна на извештаите на ОБСЕ/ОДИХР за изборите кои се одвивале во минатото, во кои нашата држава се соочувала со укажувања на примери на прекршувања на избирачкото право.

„Нашата земја добиваше извештаи во кои беше наведено дека се забележани случаи на гласање во име на друг, на семејно гласање, на гласање под принуда, на поткуп при гласање, на отсуство на фер изборна кампања, извештаи во кои Државната изборна комисија беше нотирана како партиски орган кој не ги штити избирачките права, туку партиските интереси, а судската заштита на избирачкото право беше неефикасна. Сите ние се сеќаваме на ситуациите кога се правеа списоци за гласање, кога се гасеа лифтови во зградите за постарите граѓани да не можат да гласаат, на гласачите кои со автобуси беа носени да гласаат во Центар, а не знаеја да си ја кажат адресата на живеење, на обидите да се поништуваат гласањата во Општина Центар по три пати со цел да се смени изборната волја на граѓаните“, потенцираше Дескоска, која додаде дека овие девијантни појави се сега зад нас. Оваа констатација и може многу лесно да се воочи од последниот Извештај на ОБСЕ/ОДИХР за претседателските избори, кој ги оценува изборите како фер, демократски и слободни. Иста оцена можеме да прочитаме и за локалните избори.

„Тоа несомнено зборува пред сè за волјата на Владата да овозможи фер изборен процес, но секако и за успехот во градењето ефикасна правна рамка за заштита на изборниот процес. Секако, сè уште има простор за мали подобрувања на правната рамка, која сепак е сосема доволна основа за фер изборен процес“, истакна Дескоска.

Министерката потсети дека правната рамка и механизмите кои гарантираат фер изборен процес и можност за остварување на слободно избирачко право се содржани не само во Изборниот законик, туку и во Законот за спречување на корупција и судир на интереси, кој содржи одредби за забрана за злоупотреба на јавни средства за изборна кампања и дава надлежности на ДКСК да одлучува во кратки рокови за прекршувањата на таа забрана.

Според Дескоска, особено значајно е да се обезбеди целосно почитување на правилата за финансирање на кампањите за да се оневозможи фаворизирање на кој било учесник во изборната кампања, но и за одржување на фер изборен процес и можност за остварување на пасивното избирачко право, особено значаен е и пристапот на сите кандидати до медиумското претставување.

Дескоска смета дека постои простор на подобрување на правната рамка за медиумското претставување на кандидатите.

„Прецизна и коректна правна рамка за медиумско претставување на кандидатите е суштинска за демократски изборен процес и мислам дека тука постои простор за подобрување. Последните измени на Изборниот законик во делот на одвојување на државни средства за медиумско претставување на кандидатите предизвикаа различни коментари и согледувања, така што во овој дел потребна е една поопсежна дебата за наоѓање на соодветно решение за ова прашање. Јас веќе разговарав за ова прашање со ЗНМ и ова здружение на новинарите ќе биде вклучено во дебатата за измените на Изборниот законик“, потенцираше Дескоска.

Воедно, министерката потсети дека во оваа сфера значајна улога во заштитата на одредбите за фер медиумско претставување има и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги: „За жал, реформата е заглавена во лавиринтите на собраниската Комисија за избори и именувања, која се злоупотребува на најгруб начин од страна на опозицијата“, истакна Дескоска.

Следно прашање кое е особено важно за еднакво избирачко право е ажурирањето на Избирачкиот список: „Не смееме да си дозволиме никому да му го ускратиме правото на глас, но исто така ниту да дозволиме да се злоупотребуваат туѓи имиња за некој да гласа повеќе пати. Една од препораките на ОБСЕ/ОДИХР за Изборниот законик е токму за ажурирањето на Избирачкиот список со цел да се овозможи тоа да се прави континуирано со цел никој да не биде лишен од своето право на глас. Се посочува и потребата лицата со истечен рок на важење на личните документи да не бидат лишени од избирачко право“, потенцираше министерката за правда.

Последниот аспект на кој се осврна министерката беше соодветната заштита на избирачкото право и прашањето за професионалноста, независноста и непристрасноста на органот кој ги спроведува изборите и кој одлучува за заштитата на пасивното и активното избирачко право.

Таа информираше дека минатата година Министерството за правда формирало работна група во која се водела дебата за составот и за начинот на работа на Државната изборна комисија.

Во работните групи се  разговарало за модел кој ќе обезбеди професионализација на функцијата, но и гаранции за доверба на политичките партии – прашањето се уште е отворено и дебатата по него ќе продолжи. Дескоска информираше дека оваа работна група наскоро повторно ќе почне со работа со цел целосно да се усогласи правната рамка со препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а потоа и да се решат одредени прашања што произлегоа како потреба од минатите искуства.

„Се надевам дека сите релевантни политички партии со добра волја ќе учествуваат во овие дебати. Министерството за правда ќе се држи до начелото дека изборни правила се менуваат само со согласност на релевантните партии од власта и опозицијата и ќе биде модератор во процесот на постигнување консензус за измените. Во тој процес очекуваме поддршка од невладиниот сектор и од релевантни меѓународни организации“, заврши Дескоска.

М.В