/ Прочитано:

1.141

Советот за реформи, со кој ќе претседава Дескоска, го поддржа новиот Предлог-закон за правосудниот испит

„Претстои реформа на правосудниот испит. Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор го разгледа и го поддржа новиот Предлог-Закон за правосуден испит. Од денеска и формално претседавам со Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, објави денеска министерката за правда Рената Дескоска.

Кон средината на минатиот месец, како што информираше Академик, Министерството за правда го објави текстот на Предлог-законот за правосудниот испит. Основната цел на Законот е воведување писмено и усно полагање на испитот пред стручна комисија.

Укинување на електронскиот начин на полагање на правосудниот испит

„Донесувањето на Закон за правосуден испит произлегува од потребата  за реформа на судството во Република Македонија, зацртана во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, стратегиската цел на Република Македонија  за членство во ЕУ и НАТО и потребата  за остварување на преземените обврски  за спроведување на ефикасни и континуирани реформи во судството базирани  на европските стандарди.

Основната намера на Владата на Република Македонија за членство во Европската Унија налага продолжување на реформите во областа судство и негово натамошно унапредување.

Основната цел на предлагањето на овој закон е укинување на електронскиот начин на полагање на правосудниот испит и воведување на писмено и усмено полагање на кандидатите пред стручна комисија, врз основа на мерила и објективни критериуми за проценка на нивните знаења.

Од наведените причини, се оцени дека е неопходно да се пристапи кон изработка на нов текст на закон од причина што се менува концептот на полагање и истиот би претрпел менување на повеќе од 80% од одредбите“, се вели во законското образложение.

Испитот ќе се состои од писмен и устен дел

Во новиот Предлог-закон за правосудниот испит се пропишува дека испитот се состои од писмен и устен дел. Писмениот дел се полага по предметите Кривично и Граѓанско право.

Усниот дел од испитот се полага по предметите: Кривично право (кривично материјално и процесно право); Граѓанско право (граѓанско материјално и процесно право); Трговско право; Трудово право; Уставно уредување на Република Северна Македонија и Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, организација на правосуден систем и управно право и судир на закони и меѓународна правна помош.

Кој ќе членува во испитната комисија

Испитот ќе се полага врз основа на програма и ќе се полага пред испитна комисија која ќе се состои од претседател и пет члена и нивни заменици.

„Претседателот, членовите на испитната комисија и нивните заменици ги именува министерот за правда од редот на професорите по право од акредитираните правни факултети во државата, судиите,  јавните обвинители и адвокати, со решение со кое се определени предметите по кои тие испитуваат. Мандатот на претседателот, членовите на комисијата и нивните заменици трае две години со право на уште еден избор“, се пропишува во предложеното законско решение.

Каква постапка се предвидува за полагањето на усниот дел од испитот

Усниот дел од испитот, се пропишува во законското решение,  се полага најдоцна 14 дена по завршување на последниот писмен испит пред членовите на комисијата.

Кандидатот извлекува прашања, претходно подготвени, по кои одговара. Испитувачот и присутните членови на комисијата можат на кандидатот да му поставуваат дополнителни прашања заради оцена на неговото вкупно знаење од определена област.

По завршување на испитниот ден, се пропишува понатаму во Предлог-законот, членовите на комисијата со мнозинство гласови одлучуваат дали кандидатот го положил или не го положил предметот.

Ако предметот се состои од писмен и од устен дел, се смета дека е положен доколку се положени и двата дела од предметот.

Начинот на  полагање на правосудниот испит со правилник го уредува министерот за правда.

По завршување на испитот по сите предмети, претседателот на комисијата најдоцна во рок од пет дена јавно објавува дали кандидатот го положил испитот или не го положил врз основа на вкупните резултати по секој одделен предмет.

Министерството за правда на кандидатот кој го положил испитот му издава уверение за положен правосуден испит, кој го потпишува претседателот на испитната комисија.

Можност за полагање поправен испит

Кандидатот кој на испитот не положил најмногу два од вкупниот број предмети може да полага поправен испит.

„Кандидатот кој на испитот не положил повеќе од два предмета, се смета дека не го положил правосудниот испит и може повторно да го полага по истек на шест месеци сметано од претходното полагање.

Ако кандидатот не го положил испитот кој се состои од писмен и усмен дел, поправниот испит од тој предмет го полага писмено и усно“, се пропишува во Предлог-законот.

Започнатите испити ќе завршат по постојниот закон

Во предложеното законско решение, исто така, се пропишува дека по истек на шест месеци од денот на влегувањето во сила на новиот закон престанува да важи постоечкиот Закон за правосудниот испит. Испитите кои до денот на влегување во сила на овој закон се започнати, ќе завршат по постоечкиот Закон за правосудниот испит. Предлог-законот може да се коментира на следниот линк.

ОБЈАВЕН ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА ПРАВОСУДНИОТ ИСПИТ: Испитот ќе се полага усно и писмено наместо електронски

ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА ПРАВОСУДНИОТ ИСПИТ: Правосудниот испит ќе се полага усно и писмено пред стручна комисија

ИЗМЕНИ ВО НАЧИНОТ НА ПОЛАГАЊЕ НА ПРАВОСУДНИОТ ИСПИТ: Да се биде правник подразбира и умешност за вербално изразување

Барање за автентично толкување на одредба од Законот за правосудниот испит за која Владата дава мислење дека е јасна и прецизна

 СТРАТЕГИЈАТА ЗА РЕФОРМА НА ПРАВОСУДНИОТ СЕКТОР

Ставовите и предизвиците на младите правници и студентите по право за правничкото образование, приправничкиот стаж и правосудниот испит

М.В