/ Прочитано:

913

Дигитализација за иден развој на осигурителниот сектор

Агенцијата за супервизија на осигурување и Стопанската комора на Македонија на 2 и 3 октомври  2019 година ја одржуваат првата конференција „Иншуртек Скопје 2019“.

Конференцијата е посветена на употребата на технолошки иновации дизајнирани за да ги зголемат заштедите и ефикасноста прифатена од компаниите од осигурителниот сектор, како и за користење на предностите на новите технологии со цел обезбедување покриеност на дигитално позната база на клиенти. Главната цел на процесот е унапредување на  вредносниот синџир на осигурувањето преку иновации и поставување на клиентот во  центарот на вниманието.

Претседателот на Агенцијата за супервизија на осигурување, Климе Попоски, посочи дека како регулатор само сакаат да направат поволна регулаторна рамка за да може секој да го најде својот интерес и дека создаваат платформа за комуникација помеѓу осигурителните компании во земјава и стартапите.

„Дали ќе инвестираат осигурителните компании, или пак стартапите ќе бараат приватни инвеститори, тоа е работа на бизнис-модел помеѓу нив“, рече Попоски.

Воедно, Попоски посочи дека дел од конференцијата ќе биде посветен на девет стартап компании кои ќе промовираат свои идеи за дигитални решенија во осигурителната индустрија.

„Тоа ќе биде одлична можност да се промовираат, а за осигурителните компании, пак, да разгледаат можности за инвестирање и поддршка на стартапите кои ќе помогнат во подобрување на работните процеси во друштвата за осигурување. На конференцијата како говорници се присутни и познати експерти од светот на „Иншуртек“, додаде Попоски.

Напредокот во осигурителната технологија може да донесе профит и придобивки за сите во македонската осигурителната индустрија, порача Кофи Бенделак, главен извршен директор на „Иншуртек Израел“.

Бенделак посочи дека на конференцијата се присутни многу претприемачи и стартапи и дека се дојдени тука за да ги слушнат нивните презентации. Тој нагласи дека има чувство дека македонската осигурителна индустрија ќе има големи промени во годините што следуваат.

„Сметам дека осигурителната технологија во Македонија е мошне активна во последниот период, исто како и Агенцијата за супервизија на осигурувањето. Напредокот во оваа технологија може да им донесе профит и придобивки на сите во оваа индустрија“, изјави Бенделак.

Во Израел, потенцира Бенделак, има илјадници стартапи и ги организираме како заедници за да си помогнат сами на себе и полесно да се пробијат на пазарот.

„Имаме дваесетина компании кои се занимаваат со осигурителна технологија и се мошне поврзани со заедницата, која им дава можност да одат понатаму и да напредуваат. Стартапите не ги финансираат осигурителните компании, туку се само нивни клиенти. Финансиите доаѓаат од компании како нас, а не од осигурителните компании, бидејќи доколку ги финансира некоја осигурителна компанија, не ќе може да соработуваат со другите осигурителни компании“, рече Бенделак.

М.В