ДЗС: Експертски тим од ЕУ ќе ги проценува штетите, но и направените пропусти поради кои дојде до поплавите
Од ДЗС велат дека тие, заедно со експертите, треба да ги увидат и да ги надминат пропустите кои биле направени од страна на домашните институции во превенцијата и справувањето со природни несреќи од овој обем.
Дирекцијата за заштита и спасување информира дека во земјава е пристигнат тимот од експерти ангажиран преку Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија од областа на водовод и канализација за помош на надлежните институции во процена на загрозеноста на водата за пиење и канализацијата. Покрај помош, експертите од ЕУ треба да дадат и предлог-мерки за надминување на констатираните пропусти, велат од ДЗС.
„Во текот на вчерашниот ден, 10 август 2016, започна со работа тимот на странските експерти задолжен за процена на настанатите штети. Тие треба да помогнат и во процената на причината на настанување на штети и загубата на животи“, се наведува во соопштението.
Од ДЗС велат дека тие, заедно со експертите, треба да ги увидат и да ги надминат пропустите кои биле направени од страна на домашните институции во превенцијата и справувањето со природни несреќи од овој обем.
Во невремето кое го зафати Скопскиот регион загинаа 22 лица. Најзагрозени подрачја се Ченто, Синѓелиќ, Стајковци, Економија, Инџиково, Црешево, Брњарци и Смилковци, каде што се поплавени околу 5 000 куќи.