/ Прочитано:

1.281

ЕДЕН МЕСЕЦ ПО ПРОТЕСТИТЕ: Сè уште не е започнат ниту еден процес против демонстрантите

Државното правобранителство на последното рочиште наведе дека штетата што ја пријавил Кабинетот на Претседателот на РМ изнесува 880 илјади денари, за чие утврдување побарано е и изготвување на вешт наод и мислење од страна на Бирото за судски вештачења.

Протести

По речиси еден месец од протестот во кој беше демолирана Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија како револт против одлуката за аболиција, денеска во Кривичниот суд повторно ќе се направи обид да започне судењето за првите двајца демонстранти обвинети за учество во толпа што ќе изврши кривично дело.

Предметот е притворски и се води по скратена постапка, но, и по две недели по поднесување на обвинителниот предлог, Основното јавно обвинителство Скопје ја нема допрецизирано штетата од демолирањето на Народната канцеларија. Прецизирање на штетата побараа и судијката која го води предметот и одбраната бидејќи, како што наведоа, за истото дело се обвинети повеќе лица и штетата треба да биде определена за секој обвинет поединечно.

Според Обвинителството, штетата нанесена од страна на демонстрантите кои протестираа по одлуката за аболиција што ја донесе претседателот Ѓорге Иванов, изнесува 880 илјади денари. Овој износ претставува вкупна штета од насилните демонстрации, за која одговараат повеќе лица во различни предмети.

Според одбраната на Никола Аризанов и Филип Наковски, неправично е штетата од 880 илјади денари да ја сносат само двајцата демонстранти кои со признавањето вина автоматски ќе бидат задолжени да ја платат.

Државното правобранителство на последното рочиште наведе дека штетата што ја пријавил Кабинетот на Претседателот на РМ изнесува 880 илјади денари, за чие утврдување побарано е и изготвување на вешт наод и мислење од страна на Бирото за судски вештачења.

Во полицискиот извештај, објавен по приведувањето на Никола и Филип, е наведено:

„Во врска со настанот запознаен е јавен обвинител и по прегледувањето на видеозаписи од страна на јавниот обвинител и полициски службеници од Единицата за насилен криминал е констатирано дека Н. А. и Ф. Н. активно учествувале во група што врши оштетување на Народната канцеларија на Претседателот на РМ, изнесување на инвентар од неа и опожарување на инвентарот на коловозот“.

Покрај Никола и Филип, за учество во толпа што ќе изврши кривично дело осомничени се и студентот Борјан Ефтимов и членовите на Левица Здравко Савески и Никола Куновски. Сите се наоѓаат во куќен притвор.

М. С.