/ Прочитано:

1.503

Европската комисија ќе предложи укинување на преминувањето од летно на зимско сметање на времето

Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер изјави дека ЕУ планира да го укине преминувањето од летно на зимско сметање на времето. Одлуката доаѓа откако мнозинството анкетирани граѓани на ЕУ рекоа дека треба да се укине поместувањето на стрелката на часовникот.

Јункер денеска изјави дека одлуката е донесена откако огромното мнозинство граѓани на ЕУ (првенствено од Германија) кои учествуваа во истражувањето за ова прашање побарале укинување на промените при сметањето на времето.

Над 80 отсто од испитаниците поддржаа укинување на поместувањето на стрелките на часовниците во лето и зима, што беше спроведено помеѓу 4 јули и 16 август. Околу 4,6 милиони луѓе учествуваа во онлајн анкетата, со што таа е најголема во историјата на ЕУ. Во анкетата учествуваа околу три милиони Германци.

Зборувајќи за германскиот јавен радиодифузер ЗДФ, Јункер рече дека ќе изврши притисок за укинување на поместувањето на стрелката на часовникот и дека Комисијата за тоа ќе одлучува денеска..

Ние спроведовме анкета, милиони одговорија и веруваат дека во иднина летото треба да биде преку целата година, и тоа е она што ќе се случи, рече Јункер за ЗДФ, додавајќи: „Ако луѓето го сакаат тоа, ние ќе го направиме.“

Откако предлогот ќе биде упатен, Европската комисија, највисокото извршно тело на ЕУ, ќе треба да се согласи со мерката и да предложи предлог-закон за укинување на мерката за заштеда на време. Европскиот парламент и 28 земји членки на Унијата, исто така, ќе треба да ја одобрат мерката.

Европскиот парламент го одобри предлогот за укинување на летното и зимското сметање на времето

Европскиот парламент на почетокот на оваа година го одобри предлогот за укинување на летното и зимското сметање на времето, но конечната одлука треба да ја донесе Европската комисија, која ќе ги преиспита предностите и недостатоците од евентуалната промена.

Според научните истражувања, 20 проценти од населението има здравствени проблеми поради промената на часот, смета Павел Свобода, чешки пратеник во Европскиот парламент, кој ја предводи групата од 70  европарламентарци кои стојат зад иницијативата и предлогот за укинување на поместувањето на часовникот двапати годишно.

Европратениците во предлогот за кој гласаше ЕП истакнаа дека покрај негативното влијание врз човечкиот организам, промената на стрелките на часовникот влијае и врз сообраќајната безбедност, продуктивноста на работното место, но и врз економијата.

„Поместувањето на стрелките на часовникот предизвикува повеќе сообраќајни несреќи, како и пад на продуктивноста на работното место. Студијата на непристрасната служба на ЕП за истражувања јасно покажа дека укинувањето на промената на времето е добро за нашите 510 милиони граѓани“, образложува Свобода, нагласувајќи дека иницијативата и предлогот имаат силна поддршка меѓу земјите членки на ЕУ.

Полска, истакнува Свобода, веќе ги направи првите законодавни чекори по тоа прашање. Во таа насока, и работната група за укинување на промената на времето ќе достави предлог-резолуција до Европскиот парламент, со која се бара од ЕК да упати предлог за укинување на оваа практика.

Инаку, прашањето за промена на стрелките на часовникот, освен во Полска, на законодавен план беше дискутирано и во Германија и Шведска. Во ЕУ има сè повеќе петиции за поддршка на иницијативата. Како што пренесуваат медиумите, предлогот наидува на сѐ поголема поддршка преку петиции потпишани од повеќе десетици илјади граѓани, на пример, во Финска 100.000, над 55.000 во Германија и 40.000 во Холандија.

Европскиот парламент го одобри предлогот за укинување на летното и зимското сметање на времето

ПРЕДЛОГ ВО ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ: Да се укине поместувањето на часовникот двапати годишно, штетно влијае врз здравјето на граѓаните/М.В