/ Прочитано:

2.179

Измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во собраниска процедура

Владата го поднесе Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во Собранието на РМ. Основната цел на овој предлог-закон, се вели во законското образложение, е департизација и професионализација на јавниот радиодифузен сервис и регулаторното тело –Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Во образложението се посочува дека постојниот Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги не ги исполнил своите цели за обезбедување транспарентен, независен, ефикасен и отчетен јавен радиодифузен сервис и за транспарентно, независно, ефикасно и отчетно регулаторно тело во областа на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги.

„Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и јавниот радиодифузен сервис не се независни и професионални институции како што е уредено со Законот, во кој се содржани одредени недоречености кои претставуваат основа за сегашната состојба. Како резултат на овие состојби, Македонската радио-телевизија нема независна уредувачка политика. Дополнително, отсуствува политички плурализам во медиумите, зачестен е говорот на омраза во медиумите, додека Агенцијата за медиуми е само нем сведок на овие негативни појави. Агенцијата не реагираше на тоа што Владата е еден од најголемите огласувачи во медиумите и со тоа прави упад во медиумскиот пазар и влијае на уредувачката политика на приватните медиуми“, се вели во образложението.

Во законското образложение се говори и за Извештајот на Прибе во делот на медиумите, каде што се нагласува дека сите медиуми мора да бидат ослободени од секаков политички притисок без мешање и закани.

Медиумите треба да се дистанцираат од партиските политики и не треба да бидат во служба на политичарите и политичките партии, а јавниот национален сервис треба да настојува да вложува напори да биде комплетно непристрасен и независен од политички, од комерцијални и од други влијанија и идеологии и да придонесе граѓаните да бидат соодветно информирани.

„Медиумите играат посебно важна улога во ситуации на политичка криза. Нивната задача да откриваат можни грешки во функционирањето на државата или општеството е од јавен интерес. Оттука, јавните тела треба да се воздржат од обесхрабрување на медиумите за да си го изнесат/извршат нивниот мандат“, се вели во законското образложение во врска со Извештајот на Прибе како една од причините за измени на Законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

М.В