/ Прочитано:

1.797

Измените на Законот за јавните набавки по скратена постапка пред пратениците: „Советот за јавни набавки не ги оствари  целите за кои беше воспоставен“

Владата на Република Македонија во Собранието ги поднесе измените на Законот за јавните набавки за кои се предлага да се донесат по скратена постапка. Целта на овие измени на Законот за јавните набавки е, како што се вели во образложението, да се отстранат непотребните бирократски процедури што доведуваат до намалување на ефикасноста и економичноста на постапките за доделување на договори за јавни набавки и го загрозуваат остварувањето на начелото на рационално и ефикасно искористување на јавните средства. Исто така, ќе се надмине непотребното преклопување на одредени надлежности на Советот за јавни набавки со други органи и тела кои имаат исти или слични надлежности во оваа област. Со Предлог-законот  се брише и  член 14-б  со кој се регулира постоењето на Советот за јавни набавки и во кој е дефинирано дека Советот за јавни набавки е државен орган кој е самостоен во својата работа и има својство на правно лице.

Образложението на предложените законски измени:

„Во изминатиот период од неговото формирање, извршени се повеќе анализи на ефектите од неговото постоење и може да се констатира дека работењето на Советот главно негативно влијае врз ефикасноста и економичноста на системот на јавните набавки, најчесто со пролонгирање на подготовката и зголемување на трошоците во постапките за јавна набавка (поради плаќање надоместоци во процесот на добивање согласност), како и со субјективност во одлучувањето. Советот не успеа да ги оствари првичните цели поради кои беше воспоставен, односно неговите одлуки не доведоа до значително зголемување на  конкуренцијата во постапките за доделување на договори за јавни набавки бидејќи нема значително зголемување на просечниот број поднесени понуди. Насоките што ги дава Советот ги принудуваат договорните органи во тендерските документации елементите за квалитет да ги сведат на минимум, иако постои ризик од несоодветно дефинирање на квалитетот преку техничките спецификации. Воедно, договорните органи во тендерските документации сè почесто не поставуваат речиси никакви услови за утврдување на способност на економските оператори, со цел да ја избегнат обврската за барање на согласност од Советот.

На овој начин, договорните органи преку спроведените набавки добиваат стоки со послаб квалитет поради што се соочуваат со проблеми во редовното работење и дополнителни трошоци за одржување, а воедно економските оператори чии стоки и услуги се со меѓународно признат квалитет се ставаат во неповолна позиција, односно се уништува реалната конкуренција на квалитетни производи и решенија. Задолжителното користење на најниската цена, како критериум за доделување на договорот во комбинација со обврската за барање на согласност од Советот, ја намалува реалната конкуренција на квалитетни понудувачи и понуди, што директно влијае врз квалитетот на стоките и услугите што ги набавуваат договорните органи, како и врз квалитетот на услугите кои од јавниот сектор ги добиваат граѓаните на Република Македонија. На тој начин, се загрозува остварувањето на начелото на рационално и ефикасно искористување на јавните средства, односно остварувањето најдобра вредност за парите.

Со предложените измени се решаваат бројни предизвици во примена на одредбите што се однесуваат на ангажирањето надворешни стручни лица кои главно се фокусираат на несоодветна стручност на лицата кои имаат добиено најголем број предмети, ризици поврзани со распределбата на предметите, несуштински забелешки во однос на предметот за кој се бара мислење и слично. Исто така, една од најчестите забелешки е неконзистентност во одлучувањето, односно донесување различни решенија за исти барања.

Имајќи ги предвид наведениве констатации, како и фактот дека во Република Македонија постојат органи и тела (Државната комисија за жалби по јавни набавки) кои извршуваат слични активности, наместо да се бирократизира процесот, ќе се работи на континуирано јакнење, развој и одржување на нивните административни капацитети, а при реформите што следуваат со изработка на нов закон, ќе се земат предвид алтернативни решенија за контролни механизми кои се препознатливи во меѓународната практика, особено при контрола на постапката со преговарање, како и при законско квантифицирање на минималните услови за техничка и економска способност.

Овој процес е и дел од процесот на имплементирање на препораките на Европската комисија од Извештајот за напредокот на земјата во делот на преиспитување на потребата од Советот за јавни набавки, како и од извршената ревизија на успешност на политиките за јавни набавки на Државниот завод за ревизија.

Исто така, со измените на законот се надминуваат бројните проблеми кои настанаа со обврската за спроведување анализа на пазарот, особено обврските за проверка за производители на пазарот за кои е општопознато дека не постојат во Република Македонија. Овие обврски доведуваа до непотребно губење време и одолговлекување на постапката, како и до нарушување на угледот на договорните органи кои поаѓајќи од законските обврски се обраќаа до светски производители на одредени стоки со барање за доставување одговор дали ги исполнуваат условите од техничките спецификации. Истовремено, се обраќаа и до домашните компании со исто барање, иако е познато дека за предметните стоки во Република Македонија нема производители“.

М.В