/ Прочитано:

905

Извештајот на Народниот правобранител за правичната застапеност пред пратениците

На дневен ред на денешната собраниска седница се наоѓа Годишниот извештај на Народниот правобранител за следењето на примената на начелото на соодветна и правична застапеност за 2018 година.

„Извршената анализа на прибраните податоци доведува до заклучок дека мал е бројот на институции/установи кои имаат солиден учинок во остварувањето на начелото на соодветна и правична застапеност, за разлика од оние кои не ги задоволуваат законски пропишаните норми и кои отстапуваат на сите полиња. Карактеристично за овие институции е дека имаат вработено лица само од мнозинскиот и од вториот по големина етникум и немаат вработено лица од други етникуми, или пак имаат вработено само мал број на такви лица, при што немаат одредена процентуална застапеност во раководниот кадар на помалите етникуми, или констатирана е состојба каде што раководниот кадар го сочинуваат само припадници на македонската и албанската етничка заедница, додека припадниците на помалите етнички заедници воопшто не се застапени во раководниот кадар. Како институции со негативен тренд на спроведување на ова начело може да ги наведеме Вишиот управен суд, Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, Агенцијата за катастар на недвижности, Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, Министерството за локална самоуправа, Агенцијата за иселеништво, Агенцијата за лекови, Агенцијата за млади и спорт, Агенцијата за промоција на туризмот, Агенцијата за пошти, Бирото за регионален развој, Државниот завод за ревизија, Агенцијата за енергетика, Бирото за метрологија и многу други, додека како позитивни примери кои имаат солидно ниво на спроведување на ова начело би ги навеле Министерството за одбрана, Стручната служба на Собранието на Република Северна Македонија, Секретаријатот за европски прашања, Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија и други“, се вели во извештајот.

Народниот правобранител во рамките на спроведувањето на ова истражување и во подготовката на посебниот извештај,  се нагласува во извештајот, констатира дека институциите немаат желба и капацитет да се справат и да го имплементираат во целост начелото на соодветна и правична застапеност бидејќи самото истражување, кое се спроведува од страна на Народниот правобранител во текот на последователни 12 години, укажува на благ квантитативен раст, односно привиден напредок во примената на начелото на соодветна и правична застапеност, но не и на квалитативен напредок, со што би се воспоставило општество во кое сите подеднакво би ги уживале уставните и законски загарантирани права.

М.В