/ Прочитано:

1.095

Известување за почеток на процесот за подготовка на Закон за финансиски инструменти и Закон за проспект и обврски за транспарентност на издавачите на хартии од вредност

Министерството за финансии преку ЕНЕР известува за почеток на процесот за подготовка на нов Закон за финансиски инструменти и нов Закон за проспект и обврски за транспарентност на издавачите на хартии од вредност.

Како што се наведува во известувањето, „Постојниот Закон за хартии од вредност го уредува начинот и условите за функционирање на пазарот на хартиите од вредност и на овластените учесници на пазарот, меѓутоа Законот не е целосно усогласен со поновите директиви и регулативи на ЕУ во областа на пазарот на капитал. Поради ова се наметна потреба од подготовка на нов Закон за финансиски инструменти и нов Закон за проспект и обврски за транспарентност на издавачите на хартии од вредност, во кои ќе бидат имплементирани најновите европски директиви и регулативи од областа на пазарот на капитал, а со кои закони ќе биде заменет постојниот Законот за хартии од вредност.“

Целта на предлог-законот е да „се овозможи сите финансиски инструменти што се достапни за инвеститорите на меѓународните пазари да бидат препознаени и на домашниот пазар, а лиценцирањето и организациските барања за брокерските куќи (инвестициски друштва) ќе се врши според стандардите на ЕУ. Освен Берзата (пазарниот оператор) ќе може да се основаат нови платформи за тргување како Мултилатерална платформа за тргување и Организирана платформа за тргување.“

Додека пак „Со Законот за проспект и обврски за транспарентност на издавачите на хартии од вредност се уредува Проспектот кој ќе биде составен од повеќе документи и ќе ја олесни постапката за издавање на хартии од вредност на издавачите, бидејќи кога издавач еднаш веќе добил одобрение од Комисијата за документот за регистрација како составен дел од проспектот, при наредното издавање на хартиите од вредност до Комисијата, ќе треба да достави на одобрување само белешка за хартиите од вредност и резиме на проспектот. Предлог Законот ќе обезбеди повисоко ниво на заштита на инвеститорите, со што ќе се зголеми довербата на националните и на меѓународните инвеститори и ќе се стимулира нивното поактивно учество што позитивно ќе влијае на националната економија.“

Со овој закон, „ќе се уреди можноста за издавачите на хартии од вредност да издаваат проспект како единствен документ, или како проспект составен од повеќе документи, како што се документ за регистрација, белешка за хартиите од вредност и резиме на проспектот и – ќе се овозможат највисоки стандарди за заштита на инвеститорите во согласност со Европската Унија во делот на обелоденување на информациите од страна на издавачите со користење на идентичен систем за објавување на податоци од страна на издавачите“, се наведува во известувањето.

Временската рамка за изготвување на двата предлог-закони е од 08.03.2023 до 08.04.2023.