/ Прочитано:

1.108

ЈАВНА СЕДНИЦА ЗА СЛУЧАЈОТ „ЌЕЛИЈА“: Одбраната тврди дека обвинението е паушално, а обвинителството дека се собрани сите докази

Одбраната на обвинетите тврди дека поднесеното обвинение е паушално. Асмир Алиспаиќ, адвокат на еден од обвинетите, фигуративно вели дека обвинението не само што стои на стаклени нозе туку во одредени делови тоа воопшто нема нозе.

Приведување на осомничените во акцијата „Ќелија“

На барање на одбраната, на 11 март во Кривичниот суд ќе биде одржана Јавна седница за оцена на обвинителниот акт за случајот „Ќелија“.

Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на почетокот на февруари поднесе обвинителен акт против 11 лица опфатени во предметот познат како „Ќелија“. Единаесеттемина осомничени се товарат за сторено кривично дело „учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации“ од чл. 322а од Кривичниот законик.

Одбраната на обвинетите тврди дека поднесеното обвинение е паушално. Асмир Алиспаиќ, адвокат на еден од обвинетите, фигуративно вели дека обвинението не само што стои на стаклени нозе туку во одредени делови тоа воопшто нема нозе.

„Во обвинението не е точно прецизирано од кога биле следени активностите на групата. Таму е наведено дека од септември 2014 година, а законските измени со кои се овозможи казнување на лица кои учествуваат во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации стапија на сила на 14 септември“, вели Алиспаиќ и го спори овој дел од обвинението.

Понатаму, како докази во постапката понудени се: верска литература, телефонски разговори, активност на социјалните мрежи, што според Алиспаиќ не претставуваат докази.

„Верската литература е достапна секаде и таа не е забранета“, вели Алиспаиќ.

Приведување на осомничените во акцијата „Ќелија“

На Јавната седница одбраната, исто така, ќе потенцира дека во обвинителниот акт не се содржани докази со кои се докажува директната инволвираност на осомничените во борбени дејствија и дека нема докази дека тие биле во Сирија.

„Одбраната има докази, сведоци, кои велат дека лицата не се познавале меѓу себе и не се дел од организирана група“, вели Алиспаиќ.

Од Обвинителството, пак, велат дека се собрани сите докази потребни за да се поднесе обвинителниот акт, а дека оцената за издржаноста на обвинението е во рацете на судот.​

По разгледувањето на предлозите на Обвинителството и жалбата на одбраната, Советот за оцена на обвинителниот акт од Одделението за организиран криминал при Кривичниот суд треба да донесе одлука дали ќе го прифати обвинителниот акт и ќе закаже главна расправа на која во контрадикторна постапка ќе се решаваат прашањата што се предмет на испитување и оцена, или ќе го одбие обвинителниот акт.

Акцијата „Ќелија“ беше спроведена од Министерството за внатрешни работи во август 2015 година. Во неа беа уапсени девет лица кои биле следени од септември, односно откако во земјава се овозможија услови за гонење на лицата кои учествуваат во странски војски на боиштата на Блискиот Исток.

Кривичната пријава доставена од МВР до Обвинителството опфаќаше 36 лица од кои деветмина беа приведени, а дваесет и седум им се недостапни на органите на прогонот, од кои за 20 се претпоставува дека сè уште се наоѓаат на боиштата во Сирија. Во меѓувреме беа приведени уште две лица кои се опфатени во обвинението.

Како првоосомничен се јавува имамот Реџеп Мемиши, кој, според досегашните сознанија и според анализи на доказите, бил на врвот на „Ќелијата“ која ангажирала лица во странски војски.

Казната за делото „учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации“ кое им се става на товар на обвинетите изнесува 5 години затвор.

М.С.