Како да се подобри состојбата на лицата со попреченост и на Ромите во делот на вработувањето и образованието – препораки на Хелсиншкиот комитет
Хелсиншкиот комитет до Министерството за труд и социјална политика достави коментари и препораки по објавениот повик за консултации, во врска со објавениот нацрт-текст на Програмата за реформи во вработувањето и социјалната политика. Коментарите и препораките дадени од страна на Хелсиншкиот комитет се однесуваат на подобрување на состојбата на лицата со попреченост и на Ромите во делот на образованието, вработувањето, социјалната кохезија и инклузија.
Обезбедување на целосно инклузивно образование и еднаков пристап до образование за сите
Во врска со обезбедувањето на целосно инклузивно образование и еднаков пристап до образование за сите, од Хелсиншкиот комитет велат дека родителите уште со самиот обид да го запишат своето дете со одредена попреченост во редовно училиште се соочуваат со низа изговори од страна на директорите на училиштата дека училиштето нема никаков проблем со уписот на децата, меѓутоа има недостиг од персонал, дека нема веќе место за упис на нови ученици или дека едноставно нема физичка пристапност поради архитектонски причини. Основните училишта се непристапни за децата со физичка попреченост поради недостиг на пристапни рампи, помошен персонал и стручни лица дефектолози.
Потребно е, нагласуваат од Комитетот, приспособување на наставните програми за деца со попреченост со еднаков квалитет со оние кои се користат во образовниот процес на децата без попреченост, како и приспособување на учебниците кои се користат во образовниот процес со нивна достапност во електронска форма.
Исто така, потребно е ангажирање на стручни лица дефектолози во училиштата во паралелките во кои има ученици со попреченост на товар на државата и едукација на просветниот кадар кој работи во училиштата во насока на работа со деца со попреченост
„Потребна е промена на наставните програми за основно и средно образование во насока на едукација на децата со посебни потреби за посовремени професии и занимања, како и адаптација на училиштата во делот на нивната физичка пристапност за учениците со попреченост“, истакнуваат од Хелсиншкиот комитет.
„Достапноста на образованието без никакви ограничувања и создавањето услови за квалитетно образование и инклузивност, без оглед на потеклото, способноста и разликите на децата и возрасните, е појдовната точка од која треба да започне процесот на реформи во оваа област“, нагласуваат од Комитетот.
Друг проблем кој се јавува во достапноста на образованието и кој повлекува потреба за итни реформи е сегрегацијата на Ромите во сите степени на образование. Во таа насока, потребно е преземање на превентивни мерки и почести задолжителни контроли од страна на надлежните во образовните институции во кои постои практика на сегрегација, како и преземање дополнителни мерки и надзор од страна на надлежните при определување кои деца ќе бидат запишани во училиштата за деца со посебни образовни потреби поради спречување на евентуални пропусти и злоупотреби преку воведување на двостепеност на постапката при одлучување кои деца ќе се запишат во овие училишта.
„Неопходен е и зголемен број активности за намалување и борба против дискриминација и сегрегација и проактивност на владините институции и органи на централно ниво, како и проактивност на органите на локално ниво. Во таа насока потребно е отпочнување на процес на десегрегација на децата Роми неосновано запишани во специјалните училишта“, истакнуваат од Комитетот.
Подобрување на состојбата со невработеноста, особено кај најранливите категории лица
Во врска со подобрувањето на состојбата со невработеноста, особено кај најранливите категории лица (млади, долгорочно невработени и др.), од Хелсиншкиот комитет истакнуваат дека постои пракса кај работодавците да ги вработуваат лицата со попреченост поради наведените бенефиции, но откако ќе помине периодот во кој имаат обврска да ги задржат како вработени, работодавците често ги одјавуваат и на нивно место вработуваат други вакви лица. Неопходно е државата да преземе нешто во врска со ваквата пракса, а со цел заштита на овие лица.
„Во извештајот на здружението „Отворете ги прозорците” е посочено дека практиката покажува дека со Законот не се опфатени сите категории на лица со попреченост, особено не оние кои самостојно вршат дејност или професија, односно кои се занимаваат со слободни активности како, на пример: адвокат, лекар, нотар и слично, кои се оневозможени да ги остварат бенефициите што ги дозволува Законот. Законот за вработување на инвалидни лица содржи и дискриминаторски одредби кои сметаме дека треба да бидат отстранети. Во членот 4-а став 5 е предвидено дека ‘инвалидно лице може да биде работодавец или да врши работа на одговорно лице кај работодавец, доколку добие позитивно мислење од Комисијата при Министерството за труд и социјална политика…’ Со вака формулираната одредба, од која произлегува дека лицето треба да добие позитивно мислење за способноста на лицето со попреченост за вршење на раководни функции, се врши дискриминација врз лицата со попреченост“, истакнуваат од Комитетот.
Хелсиншкиот комитет препорачува да се измени одредбата во членот 4-а став 5 од Законот за вработување на инвалидни лица, која предвидува дека инвалидно лице може да биде работодавец или да врши работа на одговорно лице кај работодавец само доколку добие позитивно мислење од Комисија при Министерството за труд и социјална политика, бидејќи е дискриминаторска и да се преземат мерки вработувањето во заштитните друштва да биде преодно решение кон целосно вработување на отворениот пазар на трудот на лицата со попреченост.
„Потребно е да се преземат мерки за приспособување и подобрување на условите во друштвата во кои работат лица со попреченост и да се преземат мерки со кои ќе се спречи распоредувањето на лицата со попреченост на работни места кои не се соодветни на нивната стручна подготовка и квалификации“, велат од Комитетот.
Поддршката и унапредување на деинституционализацијата, со фокус на лицата со попреченост
Во однос на поддршката и унапредувањето на деинституционализацијата, со фокус на лицата со попреченост, од Комитетот препорачуваат целосна имплементација на Националната стратегија за деинституционализација 2008 – 2018 во Специјалниот завод во Демир Капија и Бања Бањско, итно зголемување на бројот на лекари специјалисти, вклучувајќи и постојани доктори интернисти (општ лекар, гинеколог и стоматолог) кои во континуитет, на дневна основа, би ја следеле здравствената состојбата на пациентите за пациентите да можат да ги остварат сите права од здравственото осигурување.
Унапредување на социјалната инклузија на Ромите
Потребно е, велат од Хелсиншкиот комитет, и унапредување на социјалната инклузија на Ромите. Степенот на сиромаштија кај Ромите во Република Македонија изнесува 88 % (речиси трипати повеќе отколку вкупниот степен на сиромаштија во државата), а невработеноста во рамките на оваа етничка заедница изнесува околу 70 %. Нискиот степен на образование и непоседувањето работни квалификации, во комбинација со распространетата дискриминација врз Ромите од страна на другите заедници во државата, придонесува во неможноста овие граѓани да најдат вработување. Голем број Роми живеат во импровизирани живеалишта, без приклучок на електрична, топлинска, водоводна и санитарна мрежа.
„Неопходно е да се спроведе попис на населението со цел да се утврди бројот на Роми и да се утврдат политики и програми за вработување на Ромите, кои ќе бидат вистински ефикасни. Потребно е да се зголеми бројот на обуки и тренинзи кои ќе придонесат за зголемување на можностите за вработување на оваа категорија лица и да се креира национална програма и регулативи за зголемување на вработеноста и за работно ангажирање на Ромите“, велат од Комитетот.
„Потребно е и олеснување на постапката за евиденција во матичната книга на родените и добивање на лични документи, поголемо информирање на ромското население околу постапката, како и финансиска поддршка од Министерството за труд и социјална политика за сите случаи во кои е потребно докажување на крвното сродство“, препорачуваат од Хелсиншкиот комитет.
Целосниот текст на препораките и коментарите
М.В