/ Прочитано:

1.660

Работен состанок за социјална инклузија и имплементација на Стратегијата за Ромите

Mора да се работи на вклучување на Ромите во државната и јавната администрација барем на нивото на нивната процентуална застапеност како граѓани на Република Македонија. Ова го изјави претседателот на Владата, Зоран Заев, на денешниот работен состанок за социјална инклузија на Ромите во РМ, на кој беше нагласено дека Македонија мора да гради општество за целосна социјална инклузија на Ромите и тоа да претставува граѓанска и владина обврска.

Целта на состанокот е зголемување на нивото на имплементација на Стратегијата за Ромите 2014-2020, како и на националните акциски планови за домување, вработување, здравство, образование и зајакнување на положбата на жената Ромка. Во Македонија треба да се обезбедат намалување на сиромаштијата и вклучување на Ромите во сите сфери, како што се образованието, вработувањето и домувањето.

„Владата на Република Македонија е определена да гради инклузивно општество, така што ќе овозможиме целосна социјална инклузија и на граѓаните Роми во Република Македонија. Напластените проблеми не познаваат националност, вера или друга различност. Ако тргнеме од прашањата кои се важни за овој состанок, треба да констатираме дека домувањето, поседувањето лични документи, вклученоста во образованието и културата, вработувањето и здравственото осигурување, или малолетничките бракови, ги засегнуваат граѓаните“, рече претседателот на Владата.

Тој истакна дека Министерството за труд и социјална политика заедно со граѓанските организации работат на мотивација на родителите од ромските семејства, да ги испраќаат децата во градинка и училиште.

Во таа насока, поактивно се дејствува во обезбедувањето просторни услови за ромските информативни центри, во комуникацијата со граѓаните и во советувањата и поддршката во остварувањето на нивните права.

Според достапните мапи на податоци за лица што се соочуваат со недостиг на лични документи и евиденција во матичната книга на родени, и по утврдувањето на состојбите на терен, ќе се заокружат податоците што треба да овозможат темелен пристап во решавањето на овој долгогодишен проблем.

Со редовното претшколско и училишно образование, децата Роми полесно ќе обезбедат и свој простор на пазарот на трудот. Како што нагласи претседателот на Владата, вработувањето ќе значи и лична егзистенција и егзистенција за нивните семејства.

„Министерството подготвува информација до Владата дека мора да имаме законски измени и посебни регистри за идентификација на лицата без документи. Тоа е првата работа која е потребна за да ги остварите своите права во една држава. Постојат и волја и поддршка од институциите за решавање на ова прашање. Втора работа е предучилишното образование. Имаме проект за вклучување на децата Роми во предучилишното образование за нивен подобар почеток во образовниот систем. Сметаме дека и за ова е потребно системско решение, а не само проект за да се вклучат сите деца во градинките, вклучително и Ромите. Затоа работиме на подобрување на инфраструктурата на градинките во РМ, како и на зголемување на кадарот во нив“, рече министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

М.В