/ Прочитано:

2.718

Ќе се менува Законот за јавните претпријатија во врска со нивното раководење

 

Група пратеници во Собранието поднесоа Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за јавните претпријатија, по скратена постапка.

„Со Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за јавните претпријатија ќе се уреди замена на органот кој раководи со работата на јавното претпријатие директорот односно во негово отсуство наместо постојното законско решение да се определи вработен кој во негово отсуство го заменува и го води тековното работење на јавното претпријатие тоа да биде заменик на директорот кој ќе биде избран и разрешен од Управниот одбор под исти услови регулирани во законот кои важат за директорот“, се наведува во законското образложение.

Во предложените законски измени се уредува дека директорот и заменик-директорот на јавното претпријатие, основано од Владата на Република Македонија за својата работа одговараат пред управниот одбор на јавното претпријатие.

Директорот склучува договор со управниот одбор за уредување на односите со јавното претпријатие, во кој поединечно се утврдуваат правата, одговорностите и овластувањата согласно со закон, како и тоа дека директорот, заменик-директорот, членовите на управниот одбор и членовите на надзорниот одбор, ако извршат, односно ако донесат одлука за која знаеле или за која со оглед на околностите морале да знаат дека ги повредуваат интересите на јавното претпријатие, одговараат неограничено и солидарно за штетата настаната со таквата одлука. Одговорноста се утврдува согласно со одредбите од Законот за трговските друштва кои се однесуваат на органите на управување.

Исто така, со законските измени се  регулира дека член на управниот одбор на јавното претпријатие не може да има лично, преку трето лице или по која било основа, интереси во претпријатие или трговско друштво кое е во деловни односи со јавното претпријатие, кои можат да имаат какво било влијание на неговата независност и непристрасност во одлучувањето во јавното претпријатие. Секој член на управниот одбор, односно директорот и заменик-директорот на јавното претпријатие основано од Владата на Република Македонија се должни да го предупредат основачот на постоењето на ваков интерес кај еден или повеќе членови на управниот одбор.

Во Законот за јавните претпријатија се уредува дека јавни претпријатија можат да се основаат заради вршење на дејности од јавен интерес. Република Македонија, општините и Градот Скопје можат да основаат јавни претпријатија, во согласност со овој закон, со цел за вршење на дејности од јавен интерес на територијата на Република Македонија.

Јавни претпријатија во име на Република Македонија основа Владата на Република Македонија, во име на општината – советот на општината и во име на Градот Скопје – Советот на Градот Скопје.

М.В