/Прочитано:

1.452

Клучните промени во основното образование и новите наставни планови и програми за прво одделение

Министерството за образование и наука објави верзија на  новите наставни програми за основното образование (Новите наставни програми можете да ги преземете тука).

Основното образование во Република Македонија, се вели во воведот на документот со наставните планови, својата идејна и правна основа ја црпи од Уставот и од легислативната рамка на Република Македонија, а во согласност со приоритетната заложба на државата за европска интеграција и меѓународните конвенции и развојни документи, како: Конвенцијата на Обединетите нации за правото на децата (1989), Светската декларација „Образование за сите“ (1990), Дакарската декларација – Квалитетно образование за сите (2002), Милениумските развојни цели на Обединетите нации (2000), Декларацијата од Саламанка (1994), Конвенцијата за правата на лицата со инвалидитет (2006), Европската стратегија 2020 (2009), Инчеонската декларација „Образование 2030“ на УНЕСКО (2015) и др.

Основното образование, покрај следењето на современите тенденции, се темели и на богатството и разновидноста на националното културно наследство, на принципите на транспарентност, конкурентност, компатибилност и препознатливост и на демократските принципи кои треба да ја засилат неговата атрактивноста и ефективност.

Новото основно образование не треба да биде само подготовка на децата за средно училиште, туку треба да овозможи и:

  • развој на личност која може да преземе индивидуална, семејна и граѓанска одговорност;
  • образование кое ги почитува и ги развива индивидуалните потреби, интереси и афинитети на личноста;
  • развој на култура на живеење, т.е. стекнување компетенции соодветни за променливиот свет на трудот и општествениот живот;
  • образование кое ќе овозможи развој на независна, отворена, критичка и демократска личност со вештини и компетенции за акција;
  • образование кое го зајакнува чувството на припадност на заедницата;
  • социјализација во духот на општествено прифатените вредности и идеали со негување на духовното, културното и историското наследство;
  • развој на подготвеност и свест за доживотно образование.

Покрај подготвените нови наставни програми и планови за прво одделение, велат од МОН, се очекува наскоро да заврши ревизијата и изготвувањето на нови наставни програми за второ и трето одделение. Предвидени се суштински промени во основното образование.

Од Министерството за образование и наука велат дека клучните промени на новите наставни програми и планови за првото одделение, кое сега е значително растоварено од содржина и тежина, предвидуваат:

  • првото одделение да биде соодветно прилагодено на возраста на учениците од 5 и пол години. Спуштањето на првото одделение на возраст од 7 на 5 и пол години беше вештачки направено, создаде суштински проблем во образованието, непотребно ги оптовари учениците и создаде притисок за родителите;
  • бројот на часови ќе се намали – учениците во прво одделение нема да имаат повеќе од 4 часа дневно;
  • намалување на времето што учениците ќе го поминат во настава за сметка на зголемување на времето за одмор и игра. Предвидено е на секој час од 40 минути да има 15 минути одмор за децата;
  • намалување на учењето во широчина за сметка на учењето во длабочина;
  • намалување на тестирањата на учениците за сметка на комплексното проверување на резултатите од учењето;
  • домашните работи се заменуваат со вежби на час под контрола на наставникот;
  • воведување служба за поддршка на талентирани, но и за ученици кои бележат послаби резултати во напредувањето;
  • намалување на времето планирано за меморирање за сметка на времето планирано за истражување и проблемско учење.

Од МОН најавуваат дека по завршувањето на овој процес ќе следи и ревизија на учебниците кои ќе треба да се усогласат со новите наставни планови и програми, по што се очекува и распишување на јавен повик за изготвување на нови и квалитетни учебници онаму каде што е потребно.

M.В