/ Прочитано:

1.426

Комитетот за заштита на правата бара замена на притворот за десетина обвинети лица со домашен притвор

Адвокатите на 10 притворени лица поднесоа предлози за замена на притворот со домашен притвор. Во рамките на оваа акција, со цел да се запазат роковите, и минатата недела биле доставени 7 предлози за замена на притворот, велат од Комитетот.

Комитет за заштита на правата

Комитетот за заштита на правата денеска до Кривичниот суд во Скопје достави десетина барања за ослободување од притвор на лица кои се опфатени во повеќе кривични предмети, а кои според Комитетот неправедно се држат во повеќемесечен или повеќегодишен притвор.

Очекуваме Судот да покаже и да докаже дека работи неселективно, дека работи по ист принцип за сите и дека има коригирање на работата на судовите. Ова го истакна Ване Цветанов, член на Комитетот. Според него, има подобрување во однос на изрекувањето и траењето на мерката притвор, но постои простор за подобрување во насока на незлоупотреба на мерката притвор.

„Има случаи за шверцување мигранти, во кои луѓе се држат притвор по една и пол година до две години. Во случајот „Детонатор“ луѓе се држат во притвор три години по завршена истрага. Цел град гарантира за обвинетиот дека, доколку му биде заменета мерката притвор со друга мерка, нема да побегне, дека нема да влијае врз истрагата оти е завршена, дека не може да влијае на судењето. Ист е случајот и со другите лица за други дела. Немаме барања за пуштање од притвор на лица обвинети за убиства или за педофилија, туку станува збор за полесни кривични дела каде што е излишен притворот“, вели Цветанов.

Адвокатот Валентин Зафиров, поранешен судија и дел од Комитетот, вели дека откако е започнат проектот за подигнување на свеста за долгото траење на притворите, „Ајде да спасиме судбини“, бројот на притворените лица во Македонија се намалил за 25 отсто.

„Кога го започнавме проектот, во притвор беа повеќе од 254 луѓе, сега се 198 луѓе. Тоа е резултат на нашиот ангажман, но и на ангажманот на бранителите на притворените лица. Во меѓувреме се прават разни инсинуации дека овие предмети биле само поединечни, споредни. Сакам да кажам дека не е така, дека тука се работи за огромен број предмети и за огромен број луѓе, на пример „Змиско око“, 70 луѓе по седум-осум месеци во притвор, десет години незавршен процес. „Змиско око 2“ – 30 луѓе во притвор, а осум години не е почнат главниот претрес. Случајот „Калдрма“ е сè уште незавршен, со 85 лица во притвор. Со судски пресуди кои го покриваат само притворот, заврши и предметот „Ликвидација“, а по 19 месеци барањето за вонредно преиспитување на пресудата не го ни пуштаат до Врховниот суд, кршејќи ги сите права на осудените лица. Ова се само дел од предметите. Има еден куп предмети, непоединечни, со десетици обвинети, осудени, притворени, за стотици илјадници“, вели Зафиров.

Тој се надева дека ќе проработи свеста кај судиите да се определи притвор само ако е тоа неопходно и дека ќе ги преиспитаат и досегашните одлуки за притвор.

Адвокатите на 10 притворени лица поднесоа предлози за замена на притворот со домашен притвор. Во рамките на оваа акција, со цел да се запазат роковите, и минатата недела биле доставени 7 предлози за замена на притворот, велат од Комитетот.

„За сите овие случаи, Експертскиот совет, кој беше ангажиран од Комитетот за потребите на акцијата ’Ајде да спасиме судбини’, по деталното разгледување на предметите, донесе заклучоци дека притворот е апсолутно непотребен. Комитетот го охрабрува Судот да се произнесе позитивно по предлозите. Комитетот продолжува да ја следи состојбата со притворите и воопшто со состојбите во судството и ќе продолжи да ги застапува интересите на граѓаните“, велат од Комитетот.