/ Прочитано:

771

Компаниите и инспекциските служби заедно против сивата економија

Сојузот на стопански комори на Македонија институционално ги зајакнува воспоставените релации со инспекциските служби сѐ со цел подобрување на  соработката во интерес на компаниите.

Во таа насока, Габрила Кулебанова, потпретседателка на ССК, и Аљајдим Хавзиу, директор на Државниот инспекторат за труд, со договор за соработка, во присуство на компании од приватниот сектор и претставници на Инспекторатот, ги прецизираа заедничките стратешки цели на дејствување за следниот период. Директорот на Државниот инспекторат за труд ја нагласи важноста од соработката и заедничките цели на дејствување кога станува збор за сузбивање на нелојална конкуренција и едукативната улога што треба да ја има Инспекторатот сѐ со цел подобрување на севкупниот деловен амбиент.

Кулебанова истакна дека заеднички ќе се дејствува во борбата против сивата економија и нелојалната конкуренција, моменталната состојба на пазарот на труд и реална бројка на лица кои остваруваат приходи, а немаат здравствено и пензиско осигурување, како и инспекциските контроли од Трудовиот инспекторат.

„Сивата економија и нелојална конкуренција го кочат развојот на државата и го спречуваат развојот на економијата, во таа насока двете институции засилено ќе дејствуваат кон подобрување на деловниот амбиент во земјата. Сите под еднакви услови треба да учествуваат во системот на државата, а не да наоѓаат начини да го заобиколат. Со акција на инспекциските служби и партнерска соработка со приватниот сектор  можеме да го намалиме овој процент на сива економија во земјава“, изјави Кулебанова.

Инспекциите служби со полн капацитет треба да дејствуваат кон исполнување на обврските, што овозможува соодветно опкружување за одржлив економски развој. Од друга страна, инспекциите треба да ја промовираат едукативната функција кај оние кои се недоволно информирани, а репресивната за оние кои намерно го изигруваат системот.

„Инспекциите треба да влијаат пред сѐ едукативно, да  бидат брзи, ефикасни и фер кон компаниите, транспарентни и квалификувани за да донесуваат одлуки базирани на докази. Државниот инспекторат за труд е позитивен пример бидејќи во заедничката борба со сивата економија е единствената институција која знаеме дека има изречено глоба по Законот за забрана за вршење на нерегистрирана дејност, кој во моментов е наједноставниот механизам што го имаме кај нас за справување со сивата економија“, истакна Кулебанова.

Сојузот на стопански комори континуирано апелира за потребата од подигнување на свеста во борбата со нелојалната конкуренција и за придонес во буџетот на државата на оние кои работат нерегистрирано.

М.В