Конференција за владеењето на правото во рамки на глобалната програма на ОН за борба против криминалот
Министерката за правда, Рената Дескоска, во Виена учествуваше на конференцијата со наслов „Едукација за владеење на правото: Инспирирајте. Направете промена. Заедно“, која се одржува од Иницијативата за едукација за правда во рамките на глобалната програма на Обединетите нации за борба против наркотици и криминал (УНОДЦ).
На конференцијата, на која учествуваат министри за правда и министри за образование, во фокус на дискусијата е Декларацијата од Доха, која претставува првиот документ усвоен од земјите членки на Обединетите нации што конкретно ги поврзува образованието и спречувањето на криминалот, кривичната правда и другите аспекти на владеењето на правото.
Целта на настанот е да ѝ се овозможи на меѓународната заедница да разговара за начините и за средствата за промовирање на образованието за владеење на правото.
Севкупно, целта е преку образование за владеење на правото да се оспособи следната генерација да стане глобално општественоодговорен актер со здрав морален и етички компас – граѓани подготвени да се справат со светските предизвици поврзани со владеењето на правото.
За време на кратката посета на Виена, министерката Дескоска оствари и средба со извршниот директор на Канцеларијата на Обединетите нации за борба против наркотици и криминал (УНОДЦ), Јури Федотов, со кој разговараше за реформите што ги преземаме за борба против организираниот криминал и корупција. На средбата Дескоска се заблагодари за досегашната соработка на Канцеларијата на ОН за борба против наркотици и криминал со нашата земја и за можностите за понатамошна соработка.
М.В