/ Прочитано:

2.657

Верифицирани мандатите на пратениците

Во Собранието денеска  започна конститутивната седница на новиот парламентарен состав. На денешната седница беа верифицирани мандатите на новите 120 пратеници. Како што претходно најавија од Собранието, бидејќи станува збор за вонредни околности и е неопходно одржување на задолжителна физичка дистанца меѓу пратениците, Конститутивната седница се одржа во Големата сала на Собранието на Република Северна Македонија, односно во салата позната во јавноста како Голема купола. Пратениците беа на соодветна дистанца и им беше обезбедена заштитна опрема.

Според Уставот, Собранието на Република Северна Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката. Пратениците во Собранието се избираат за време од четири години. Мандатот на пратениците го верифицира Собранието. Мандатот почнува да тече од конститутивната седница на Собранието.

Собранието од редот на пратениците избира претседател и еден или повеќе потпретседатели, со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Собранието на Република Северна Македонија:
– го донесува и изменува Уставот;
– донесува закони и дава автентично толкување на законите;
– ги утврдува јавните давачки;
– донесува републички буџет и завршна сметка на буџетот;
– донесува просторен план на Републиката;
– ратификува меѓународни договори;
– одлучува за војна и мир;
– донесува одлука за менување на границата на Републиката;
– донесува одлука за стапување и истапување од сојуз или заедница со други држави;
– распишува референдум;
– одлучува за резервите на Републиката;
– основа совети;
– избира Влада на Република Северна Македонија;
– избира судии на Уставниот суд на Република Северна Македонија;
– врши избори, именувања и разрешувања и на други носители на јавни и други функции утврдени со Уставот и со закон;
– врши политичка контрола и надзор над Владата и над другите носители на јавни функции што се одговорни пред Собранието;
– дава амнестија и
– врши други работи утврдени со Уставот.

Собранието за вршење на работите од својата надлежност донесува и одлуки, декларации, резолуции, препораки и заклучоци.

Конститутивна седница на Собранието

М.В