/ Прочитано:

1.119

КРИВИЧЕН СОВЕТ: Основана е несогласноста за претрес дадена од судијата на претходна постапка

Кривичниот суд во целост го објави Решението на Кривичниот совет кој постапуваше по несогласноста на судијата на претходна постапка на овој суд КОК-ПП бр.101/16 од 29.3.2016 година, во врска со барањето за издавање наредба за претрес поднесено од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникации.

Osnoven-sud-Skopje-1

И Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 ја потврдил несогласноста на судијата на претходна постапка за издавање на налог за претрес во домот на првоосомничениот во предметот „Тврдина“ кој го отвори Специјалното јавно обвинителство.

„Имено, Кривичниот совет при овој суд по извршениот увид во списите на предметот, одлучил дека судијата на претходна постапка правилно постапил давајќи несогласност бидејќи СЈО има лимитирана стварна надлежност која се однесува на овластувања да истражува и да гони кривични дела кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникации, во законски определениот период, а кое нешто не произлегува  од барањето за издавање наредба за претрес, односно не може да се утврди за кој временски период се однесува содржината на комуникацијата од незаконското следење на комуникации, а од која се тврди дека произлегува кривичното дело. Оттука советот смета дека судијата на претходна постапка правилно утврди дека не е исполнет предусловот во смисла на чл. 17 ст. 1 од ЗКП“, велат од Кривичниот суд.

Во корелација со горенаведеното, Советот сметал дека веројатноста со претресот да се постигнат одредени резултати, мора да претходи на основаното сомневање дека е извршено конкретно кривично дело кое произлегува од незаконското следење на комуникации, дотолку што не може да се преземе претрес за да се пронајдат основите на сомневање.

Во продолжение, во целост го пренесуваме Решението на Кривичниот совет објавено на веб-страницата на Судот.

КРИВИЧНИОТ СОВЕТ НА ОДДЕЛЕНИЕТО ЗА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ И КОРУПЦИЈА НА ОСНОВНИОТ СУД СКОПЈЕ 1 СКОПЈЕ, составен од Претседателот на советот-судија Ивица Стефановски и членовите на советот-судиите Јани Нича и Сандра Крстиќ, со судски соработник Биљана Наумоска како записничар, постапувајќи по несогласноста на судијата на претходна постапка на овој суд КОК-ПП бр.101/16 од 29.03.2016 година, во врска со барањето за издавање наредба за претрес поднесено од Јавното обвинителство за гонење на кривични делаповрзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите-Скопје, НСК КО бр.17/15 од 29.03.2016 година, на нејавна седница одржана на 30.03.2016 година, согласно чл.294 ст.2 од ЗКП, го донесе следното

Р  Е  Ш  Е  Н  И  Е

СЕ УВАЖУВА несогласноста на судијата на претходна постапка на овој суд, КОК-ПП бр.101/16 од 29.03.2016година за барањето за издавање наредба за претрес поднесено од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите-Скопје, НСК КО бр.17/15 од 29.03.2016 година.

О  Б  Р  А  З  Л  О  Ж  Е  Н  И  Е

Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите-Скопје, до судијата на претходна постапка на овој суд достави барање за издавање наредба за претрес НСК КО бр.17/15 од 29.03.2016 година, на домот на осомничениот Г. Г. од С., на ул…., општина …, како и на предметот-возило марка … со регистарски број …, … боја, сопственост на осомничениот Г.Г..

Постапувајќи по барањето за издавање наредба за претрес поднесено од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите-Скопје, НСК КО бр.17/15 од 29.03.2016 година, судијата на претходна постапка на овој суд, а како со истото не се согласил, до Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција на овој суд изјави несогласност по наведеното барање. Во несогласноста е наведено дека судијата на претходна постапка не се согласува со барањето на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите-Скопје, НСК КО бр.17/15 од 29.03.2016 година од причина што од барањето за издавање наредба за претрес и образложението на истата не произлегуваат овластувањата на Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите-Скопје дадени со закон. Исто така во диспозитивот на барањето за издавање наредба за претрес не се определени и не е даден прецизен опис на предметите чие што одземање се бара, туку е употребена општа терминологија, па поради сето погоре наведено судијата не се согласува со барањето за издавање наредба за претрес и истото го доставува на надлежност на советот.

Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при овој суд по извршениот увид во списите на предмет на овој суд КОК-ПП бр.101/16, најде дека:

Несогласноста е основана.

Имено, судијата на претходна постапка правилно постапил кога не се согласил со барањето за издавање на наредба за претрес во предистражна постапка, а од следните причини:

Во диспозитивот на барањето за издавање наредба за претрес е наведено дека истата се бара заради пронаоѓање на траги на кривичните дела и предметите важни за кривичната постапка за која се спроведува предистражна постапка НСК КО бр.17/15 и тоа транскрипти, нотеси и други списи поврзани со незаконското следење на комуникациите, документација за спроведено ништење на системи за следење на комуникациите и друга службена документација, компјутери и компјутерска опрема, преносни мемориски уреди ( екстерни харт дискови, УСБ, ЦВ, ДБД, и слично), телефонски апарати и претрес на други подвижни предмети на осомничениот Г.Г., затечени во домот и другите простории.

Член 2 став 1 од Законот за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите-Скопје (Сл.весник на РМ бр.159 од 15.09.2015 година) неовластено следење на комуникации“ дефинира неовластено следење на сите комуникации извршено во периодот меѓу 2008 година и 2015 година, вклучително но не и ограничено на аудио снимки и транскрипти поднесени до Јавното обвинителство пред 15.јули 2015 година. Согласно чл.5 ст.1 од законот Јавниот обвинител кој раководи со јавното обвинителство ќе биде овластен да истражува и гони кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите, како штое дефинирано во чл.2 ст.1 од законот.

Имајки ја предвид содржината на цитираните законски одредби произлегува дека Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите-Скопје има лимитирана стварна надлежност која се однесува на овластување да истражува и гони кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникации, во законски определениот период, а кое нешто не произлегува од барањето за издавање наредба за претрес, односно не може да се утврди за кој временски период се однесува содржината на комуникацијата од незаконското следење на комуникации, а од која се тврди дека произлегува кривичното дело. Од тука, советот смета дека судијата на претходна постапка правилно утврдил дека не е исполнет предусловот во смисла на чл.17 ст.1 од ЗКП.

Во корелација со наведеното, советот смета да веројатноста дека со претресот ќе се постигнат одредени резултати мора да претходи на основаното сомневање дека е извршено конкретно кривично дело што ќе произлезе од содржината на конкретно неовластено следење на комуникации. Не може да се превземе претрес за да се пронајдат основите на сомневање. Во тој случај би можело да се изврши претрес на секое лице и на секое место.

Следствено на изнесеното, Советот цени дека несогласноста изјавена од судијата на претходна постапка, а во врска со барањето за издавање наредба за претрес на домот на осомничениот Г. Г. од С., на …, општина …, како и на предметот-возило марка … со регистарски број …, … боја, сопственост на осомничениот Г. Г., на Јавнотообвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите-Скопје, НСК КО бр.17/15 од 29.03.2016 година, е основана, поради што следуваше во смислачл.294 ст.2 од ЗКП, да одлучи како во изреката на ова решение.

ОСНОВЕН СУД СКОПЈЕ I – СКОПЈЕ-ОДДЕЛЕНИЕ ЗА ОРГАНИЗИРАН

КРИМИНАЛ И КОРУПЦИЈА КИОК-КС.бр.37/16 од 30.03.2016 година

Записничар                                                                                Претседател на совет-судија

Биљана Наумоска с.р.                                                                   Ивица Стефановски с.р.

НАПОМЕНА: Согласно чл.440 ст.2, против ова решение не е дозволена жалба.