/ Прочитано:

1.071

Кривичниот суд ги одби мерките предложени од СЈО за обезбедување на присуство на осомничените во „ТНТ“

„СЈО има право да поднесе жалба до Кривичниот совет при овој суд во рок од 24 часа“, велат од Судот.

????????????????????????????????????

Судија на претходна постапка по разгледување и ценење на предлогот на Специјалното јавно обвинителство за определување на мерки за обезбедување на присуство за осомничените во предметот „ТНТ“, како и по сослушување на осомничени донел решение со кое гo одбил предлогот на СЈО, информираат од Кривичниот суд. 

„СЈО има право да поднесе жалба до Кривичниот совет при овој суд во рок од 24 часа“, велат од Судот.

Специјалното јавно обвинителство за првоосомничената, службено лице овластен градежен инспектор во Секторот за инспекциски работи во Одделението за урбанистичко-градежна инспекција во Општина Гази Баба, и за уште три лица осомничени во предметот, службени лица членови на Комисијата за јавни набавки во Општина Гази Баба, побарани се мерките: привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање, и обврска на осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган.

Според предметот на СЈО, инспекторката е осомничена дека со искористување на својата службена положба и овластување, во Општина Гази Баба во Скопје, во населбата Ќерамидница на ул. „Перо Наков“ бр. 94, постапила спротивно чл. 47 т. 4 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и чл. 134 т. 4 од Законот за градење при уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“.

Членовите на Комисијата за јавни набавки во Општина Гази Баба, пак, со искористување на своите службени положби и овластувања, поттикнати со умисла од градоначалникот Тони Трајковски, овозможиле на незаконски начин да се спроведе постапката за јавна набавка за ангажирање на фирма која ќе го спроведе уривањето на објектот „Космос“ на Фијат Цаноски, рекоа од СЈО.

Со наведените дејствија, постои основано сомнение дека првоосомничената сторила кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст. 3 во врска со ст. 1 од КЗ, а за второ-, трето- и четвртоосомничениот постои основано сомнение дека  сториле по едно кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст. 5 во врска со ст. 1 во врска со чл. 22 од КЗ.