/ Прочитано:

1.358

Кривичниот суд го вратил предлогот на СЈО за замрзнување на сметките на „Финзи“

Од Судот додаваат дека од СЈО добиле известување дека повторно ќе го поднесат предлогот според членот на кој им укажал судијата на претходна постапка, но дека сè уште чекаат дополнителни податоци за да го комплетираат предлогот.

Основен суд Скопје 1 Скопје

Предлогот на Специјалното јавно обвинителство за замрзнување на сметките на фирмата „Финзи“, којшто бил доставен до Кривичниот суд од страна на СЈО, бил некомплетен.

Како што велат од Судот, судијата на претходна постапка, во законски утврдениот рок од 12 часа по добивање на предлогот, односно истиот ден, 29.09.2016 година, откако увидел дека предлогот е некомплетен, доставил барање до СЈО да се уреди конкретниот предлог така што ќе се наведат банките и трансакциските сметки на правното лице.

„Воедно, од причини што барањето на СЈО гласи: да се изрече забрана за користење и располагање со трансакциски сметки според членот 202 ст. 1 и 2 од ЗКП, а кога ќе се види законот ваква одредба не постои, судијата побарал СЈО да се произнесе дали можеби бара привремено одземање на имот или предмети бидејќи запирањето на извршување на финансиски трансакции е определено со членот 200 ст. 7 од ЗКП“, се наведува во соопштението од Судот.

Од Судот додаваат дека од СЈО добиле известување дека повторно ќе го поднесат предлогот според членот на кој им укажал судијата на претходна постапка, но дека сè уште чекаат дополнителни податоци за да го комплетираат предлогот.

Како појаснување од Судот ги цитираат и членовите од Законот за кривична постапка на кои се повикувало СЈО при поднесувањето на предлогот, но и членовите на кои укажал судијата на претходна постапка, а на кои треба да биде базиран предлогот.

„Член 200

Постапување со податоци кои се банкарска тајна, имот во банкарски сеф, следење на платен промет и трансакции на сметки и привремено запирање на извршување определени финансиски трансакции.

(7) По образложен предлог на јавниот обвинител, судот со решение може да им наложи на финансиска институција или на правно лице привремено да го запрат извршувањето на одредена финансиска трансакција или работа, а имотот привремено се одзема.“

„Член 202

Привремено одземање на имот или предмети заради обезбедување

(1) Судот може во кое било време во текот на кривичната постапка да донесе, по барање на јавниот обвинител, привремена мерка одземање на имот или предмети кои според Кривичниот законик треба да се одземат, мерка запленување или друга неопходна при- времена мерка за да се спречи користењето, отуѓувањето или располагањето со тој имот или предмети.

(2) Барањето на јавниот обвинител од ставот (1) на овој член содржи:

– краток опис на кривичното дело и неговиот законски назив,

– опис на имотот или предметите што потекнуваат од извршување на кривично дело,

– податоци за лицето што го поседува тој имот или предмети,

– докази на кои се засновува сомневањето дека имотот, односно предметите, потекнуваат од кривичното дело и

– причини за веројатноста дека до крајот на кривичната постапка ќе биде особено отежнато или оневозможено одземањето на имотот или предметите.“

Покрај предлогот за замрзнување на сметките на „Финзи“, СЈО побара и определување на мерки на претпазливост за три осомничени лица и определување на мерка притвор за едно осомничено лице.