Кривичниот суд: Колегиумот на судии им дава поддршка на судските службеници
„Во однос на денешниот протест на судската администрација, ја информираме јавноста дека Колегиумот на судии и Здружението на судии, подружница на Основниот кривичен суд Скопје, даваат поддршка на судските службеници при остварување на нивните барања изразени преку синдикатите во кои членуваат, па со таа цел и судската управа денеска зема учество на протестот.
Воедно, ја информираме јавноста дека Кривичниот суд денеска работеше без никакви застои и ниту една главна расправа на притворски, итни или предмети со поголем број обвинети не беа одложени заради протестот, сѐ со цел да им се излезе во пресрет на странките во постапките и да не дојде до непотребно одолговлекување на судењата“, стои во соопштението на Кривичниот суд.
Кривичниот суд интегрално ја објавува изјавата на претседателот на Судот, Иван Џолев, која беше дадена на протесниот собир:
„Тука сме заедно со судската управа на Кривичниот суд Скопје за да им дадеме поддршка на судските службеници. Сметаме дека заслужуваат повисоки плати и примања. Станува збор за едни од највредните службеници, генерално, во државата, заедно со здравствените и просветните работници, и во таа смисла сметам дека и судските работници треба да имаат по разни основи повисоки примања. Тие навистина имаат стресна работа, имаат многу работа и не гледам зошто не би ги поддржале. Не гледам проблем ниту во Судскиот буџетски совет. И ние судиите и Советот ги поддржуваме судските службеници во нивните барања, очигледно е дека во минатото платите се зголемувани и таа тенденција треба да продолжи. Во случај на нов протест или штрајк, Законот предвидел како се постапува, и итните и притворските предмети, како и денеска, нема да трпат и ќе се судат, но да не претпоставуваме што ќе се случи во иднина. Се надевам дека ќе се изнајде решение.“
Денеска, пак, министерката за правда, Рената Дескоска, изјави дека е многу лесно да се протестира и да се даде поддршка на некој што протестира. Многу е потешко да протестирате за морални вредности.
„Јас искрено очекувам претседателот на Кривичниот суд во Скопје да излезе со протест, влијание врз своите колеги, зошто некои судења не се закажуваат по три месеци, зошто застаруваат предмети во неговиот суд“, изјави Дескоска.
Протест на судската администрација
УПОЗ И ЗСА: Револт меѓу вработените во судовите за додатоците на платата
Судските службеници ќе добијат право за исплата на додатоци на плата
Соопштение на УПОЗ за најава за штрајк доколку не се најде конечно решение за судските службеници
УПОЗ бара оставка од Судскиот буџетски совет
ШТРАЈК НА СУДСКАТА АДМИНИСТРАЦИЈА: Преговори со надлежните институции закажани за идната недела
„Бараме да се повлечат лошите закони“ – протест на судската администрација
ШТРАЈК НА СУДСКИТЕ СЛУЖБЕНИЦИ: „Да се измени штетниот и демотивирачки Закон за судска служба!“
М.В