/ Прочитано:

1.067

Кривичниот суд одлучува за мерките предложени од СЈО за осомничените во предметот „Тврдина“

Неофицијално, поранешната министерка за внатрешни работи, како и претставници на СЈО се пред судија на претходна постапка. Специјалното јавно обвинителство треба да ги образложи причините за предложените мерки за претпазливост.

Osnoven-sud-Skopje-1

Во Основниот суд Скопје 1 во тек е распитот на осомничените во предметот „Тврдина“ за кои Специјалното јавно обвинителство предложи мерки за претпазливост.

Неофицијално, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, како и претставници на СЈО се пред судија на претходна постапка. Специјалното јавно обвинителство треба да ги образложи причините за предложените мерки за претпазливост.

За второосомничениот, за четвртоосомничениот и за петтоосомничениот е предложена мерка за забрана на напуштање на место на живеалиште и престојувалиште, одземање на патната исправа и обврска да се јавуваат во судот, како и забрана за вршење определени работни активности кои се поврзани со извршување на кривичното дело бидејќи лицата се сè уште во работен однос.

За третоосомничената, поранешната министерка за внатрешни работи, е побарано да ѝ бидат изречени мерки за претпазливост, одземање на патната исправа, јавување во судот и забрана за напуштање на живеалиштето.

Првоосомничениот, Горан Грујовски, во понеделникот беше пуштен во куќен притвор откако Апелациониот суд ги отфрли жалбите на СЈО и на одбраната како недозволени.

Предметот „Тврдина“, кој го отвори Специјалното јавно обвинителство, се однесува на незаконско уништување на опрема на Министерството за внатрешни работи за следење на комуникациите.