/ Прочитано:

1.274

Меѓународен ден на бегалците

Денеска на глобално ниво и во рамките на Обединетите нации се одбележува Меѓународниот ден на бегалците. Од Обединетите нации истакнуваат дека овој ден е во чест на луѓето кои се принудени да ги напуштаат своите домови за да преживеат.

По повод Денот на бегалците во аулата на Правниот факултет „Јустинијан Први”  се одржа настан на кој се одбележа овој ден и на кој беше истакнато дека човековите права на бегалците мора да се почитуваат, како во државата така и ширум светот.

Да се почитуваат правата на бегалците

На денешниот настан во организација на Македонското здружение на млади правници, УНХЦР и ЗНМ се обратија Моника Сандри, претставник на Канцеларијата на високиот комесаријат за бегалци во Скопје, проф. д-р Сашо Ѓорѓиевски, претставник на Правната клиника на Правниот факултет „Јустинијан Први“; Љупка Новеска-Андоновска, претседател на Управниот одбор на Македонско здружение на млади правници  и претставници на ЗНМ.

„Денот на беглаците е повод посилно да се нагласат правата на бегалците, да се нагласи свесноста за тие права, но и да се нагласи  потребата од професионално известување за состојбата во која се наоѓаат бегалците“, беше истакнато на денешниот настан.

Во рамки на денешниот настан беа доделени награди за професионално известување за состојбата на бегалците при мешаните миграциски движења за 2018 година во Република Северна Македонија,  како и сертификати за студентите кои успешно ја завршија практикантската работа на Правната клиника. Наградите ги добија  Јасмина Јакимовска, Катерина Топалова и Синиша Станковиќ.

„Зад секоја статистичка бројка стои приказна, стои семејство, стои некаква судбина. Тие се приказна за моќта и немоќта, толеранцијата и нетолеранцијата и силата и слабоста. Медиумите мора да продолжат да ги следат овие теми“, истакнаа добитниците на наградата.

Состојбата со човековите права на бегалците констатирана во Извештајот на Народниот правобранител

Во Годишниот извештај за почитувањето на човековите права, Народниот правобранител истакнува дека бегалците во земјава се соочуваат со низа проблеми и дава повеќе препораки за надминување на констатираната состојба.

„При спроведување на присилното враќање на бегалците да се почитуваат правата на бегалците загарантирани со меѓународната и домашната регулатива, постапките да се спроведуваат согласно предвидените процедури и за истите да се води официјална евиденција;

Да се воспостават функционални и ефикасни алтернативи со кои ќе се избегне задржувањето на баратели на азил со мерка ограничување на слобода на движење во места каде што не се исполнети меѓународните стандарди за задржување на баратели на азил.

Во решенијата на Министерството за внатрешни работи со кои се изрекува мерката ограничување на слобода на движење за баратели на азил и нивно задржување јасно да бидат наведени причините за правниот основ за користење на оваа мерка како исклучителна околност;

Да се преземат мерки за обезбедување на преведувач во Прифатниот центар за странци заради непречена и ефикасна комуникацијата помеѓу службените лица во Центарот и задржаните лица, со цел навремено и целосно информирање за правата, но и за прашања поврзани со нивниот статус;

Да им се овозможи на задржаните лица во Прифатниот центар за странци во Гази Баба остварување на загарантираното право на свеж воздух во рамки на Центарот согласно Правилникот за куќен ред.

Да се воспостави функционален систем за жалби и поплаки за задржаните лица, со цел заштита на нивните права“, препорачува Народниот правобранител.

Хелсиншкиот комитет: Да ги поддржиме бегалците во нивната борба за опстанок

На Светскиот ден на бегалците, Хелсиншкиот комитет за човекови права потсетува на состојбата со бегалската криза во нашата земја.

„Следејќи ги случувањата во текот на минатата година, може да заклучиме дека, со оглед на зголемувањето на движењето на мигрантите и бегалците низ нерегуларните патишта, бегалската криза не смее да се смета за завршена. Од друга страна, како што е констатирано и во Годишниот извештај на Комитетот за 2018 година, официјалниот број на бегалци и мигранти присутни во камповите беше релативно низок“, истакнуваат од Хелсиншкиот комитет.

Во однос на постапувањето на надлежните институции, додаваат од Комитетот, забележано е подобрување споредено со претходните години, особено кај откривањето и гонењето на криумчарските групи. Сепак, во одредени инстанци надлежните институции продолжија воспоставени практики, што се спротивни на принципите и стандардите за човекови права пропишани во меѓународните документи.

Сметаме дека хуманитарната помош и заштитата од безбедносни ризици мораат да им се обезбедат на сите бегалци и мигранти со цел да се избегне нивното дополнително ставање во ризик. На бегалците и мигрантите што транзитираат низ државата не смее да им се ограничува слободата на движење и противправно да се држат во притвор како сведоци во кривична постапка против криумчарите.

И покрај тоа што бегалската криза е сложено политичко прашање со кое што се соочува целиот свет, тоа што ѝ преостанува на државата е да продолжи да ги гради своите капацитети за непречено гарантирање и уживање на основните човекови права и слободи на сите луѓе на нејзината територија, без оглед од каде доаѓаат и каде одат. Комитетот препорачува напуштање на практиката на нелегално, групно ‘депортирање’ бегалци и мигранти кон соседните земји без воспоставена прекугранична соработка со безбедносните служби“, велат од Комитетот.

„Хелсиншкиот комитет смета дека се неопходни мерки за влијание врз јавното мислење за бегалската криза, со оглед на забележаното високо ниво на ксенофобија помеѓу граѓаните.

Иако во помал број во споредба со претходните години, повиците на насилство, навредите и ксенофобичниот говор кон бегалците и мигрантите и понатаму се присутни во јавноста“, додаваат од Комитетот.

М.В