/ Прочитано:

1.327

Меѓународна конференција за миграциските предизвици

Заедничкиот состанок на министрите за одбрана и за внатрешни работи на земјите од Централноевропската одбранбена соработка и Салцбург форумот се одржува денеска во Виена, Австрија.

„Македонија даде голем придонес во затворањето на балканската бегалска рута, а покажа и дека државните институции на Македонија реагираа соодветно, ефективно и координирано“, истакна на состанокот македонскиот министер за одбрана Зоран Јолевски.

Јолевски го потенцираше и значењето на солидарната помош која Македонија ја доби од Австрија, Хрватска, Чешка, Унгарија, Полска, Словачка, Словенија и Србија, како земји кои распоредија свои полициски службеници на северната и на јужната граница во поддршка на македонската полиција.

„Ние очекуваме дека сите мерки преземени од Европската Унија, од НАТО и од државите во овој формат, ќе дадат добри резултати. Во тој контекст, од Европската Унија очекуваме интензивен ангажман и лидерство. Исто така, постои потреба од унапредување на координацијата и размената на информации и податоци помеѓу земјите на т.н. Балканска рута, а воедно и дека треба да се забрзаат интегративните процеси на земјите од регионот во ЕУ и во НАТО“, истакна Јолевски.

Македонскиот министер за одбрана нагласи и дека предизвиците на актуелната мигрантска криза говорат дека средбите од овој формат треба да станат редовна практика, со очекување да дадат нов импулс во зајакнувањето на соработката.

Министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, кој исто така учествува на Конференцијата, во своето обраќање изрази благодарност до пријателските земји за финансиската и материјалната поддршка, како и за испраќањето на контингенти составени од полициски службеници во Република Македонија.

„Доколку се повтори мигрантската криза, ќе биде потребно повторно ангажирање на целокупните национални капацитети како и при првиот бран, а многу веројатно и ангажирање на дополнителни капацитети за спречување на илегалното преминување на државната граница на Република Македонија“, истакна Нухиу.

Регионална конференција за справувањето со трговијата со луѓе по Западнобалканската миграциска рута