/ Прочитано:

1.162

Меѓународна научна конференција „Транзиција на правните системи: 30 години по падот на Берлинскиот ѕид“

Денеска на Правниот факултет „Јустинијан Први“ започна Меѓународната научна конференција на тема „Транзиција на правните системи: 30 години по падот на Берлинскиот ѕид“. Настанот е  во организација на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и на него присуствуваат универзитетски професори, научни работници,  експерти, студенти, публицисти, како и претставници на дипломатскиот кор во земјата.

На научната конференција свои излагања ќе имаат професори и научници од земјата, од регионот и од странство. Говорниците ќе се осврнат на значајни теми од областа на правото, политикологијата, економијата, социологијата, историјата, публицистиката итн.

Воведни обраќања на конференцијата имаа деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Горан Коевски, ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, германскиот амбасадор, Томас Гебирих и францускиот амбасадор, Кристијан Тимоние.

Во своето обраќање деканот Коевски го нагласи значењето на конференцијата и ја образложи идејата за одржување на ваков настан на кој има исклучително корисни научни видувања.

Во таа насока и ректорот Јанкуловски потенцираше дека конференцијата обработува мошне значаен историски, но и современ контекст и дека дава голем придонес за македонската и европската наука.

Германскиот и францускиот амбасадор истакнаа дека вредностите на правните системи и воопшто на правото се клучни за транзицијата не само на правните, туку и на општествените системи, особено по падот на Берлинскиот ѕид, кога и се нагласија прашањата за човековите права и за европското обединување.

Францускиот амбасадор во таа насока потсети и на Јустинијановиот кодекс како акт кој ја поврзува историјата со сегашноста, но и ги поврзува европските простори.

М.В