Министерството за правда за новиот начин на полагање на правосудниот испит
Подготвен е новиот Закон за правосудниот испит, информираат од Министерството за правда. Со законот ќе се промени начинот на полагање на правосудниот испит. Овој закон е уште еден од низата реформски закони во правосудството. Основната цел на овој закон е укинување на електронскиот начин на полагање на правосудниот испит и воведување на писмено и усно полагање на кандидатите пред стручна комисија, врз основа на мерила и објективни критериуми за процена на нивните знаења.
„Правосудниот испит ќе можат да го полагаат дипломирани правници кои имаат 300 кредити според Европскиот кредит-трансфер систем (ЕКТС), кои работеле најмалку една година на правни работи во суд, јавно обвинителство, во Државното правобранителство на Република Северна Македонија, кај Народниот правобранител на Република Северна Македонија, адвокат, нотар или извршител.
Испитот ќе можат да го полагаат и дипломирани правници кои работеле најмалку две години на правни работи во други државни органи, органи на единиците на локалната самоуправа, трговски друштва и други правни лица. Предвременото полагање на испитот ќе биде забрането.
Писмениот дел ќе се полага по предметите Кривично и Граѓанско право.
Усниот дел ќе се полага по предметите Кривично право (кривично материјално и процесно право), Граѓанско право (граѓанско материјално и процесно право), Трговско право, Трудово право, Уставно уредување на Република Северна Македонија и Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, организација на правосуден систем и управно право и судир на закони и меѓународна правна помош.
Доколку предметот е составен од писмен и устен дел, кандидатот ќе мора прво да го положи писмениот дел за да пристапи кон полагање на усниот испит. На писмениот дел од испитот пред кандидатот ќе се најде определен случај од практиката (архивиран судски предмет), кој ќе треба да го реши со примена на законските прописи од соодветната област.
На усниот испит по секој предмет кандидатите ќе одговараат на три прашања кои ќе ги извлечат од претходно подготвените прашања. На него ќе се оценува и способноста на кандидатот за усно изразување.
Кандидатот се смета дека го положил испитот доколку во текот на една испитна година ги положи сите предмети. Доколку во текот на една испитна година не бидат положени сите предмети, се смета дека кандидатот не го положил испитот и може да го започне полагањето по сите предмети одново наредната испитна сесија.
Правосудниот испит ќе може да се полага во февруарската, априлската, јунската, октомвриската и декемвриската испитна сесија“, појаснуваат од Министерството за правда.
СТРАТЕГИЈАТА ЗА РЕФОРМА НА ПРАВОСУДНИОТ СЕКТОР
М.В