/ Прочитано:

1.857

Министерството за животна средина во врска со измените на Законот за возила со кои се воведуваат еколошки налепници и субвенции

Во согласност со европските еколошки стандарди и добри практики, со предложените измени на Законот за возила се воведуваат еколошки налепници за возилата, кои ќе бидат поделени во три еколошки категории во зависност од европските емисиони стандарди (ЕУРО 1, ЕУРО 2, ЕУРО 3, ЕУРО 4, ЕУРО 5 и ЕУРО 6) и во зависност од погонот на моторот на возилото (на течен нафтен гас или на компримиран земјен гас, на електричен погон или хибридно возило).

„Согласно одлуките донесени од општините, односно од Град Скопје, во деновите кога ќе се утврди надминување на прагот на загаденоста во градските средини, се воведува ограничено движење во заштитени еколошки зони. Возилата од првата еколошка категорија (возила со европски емисиони стандарди ЕУРО 5 и ЕУРО 6, како и возила со емисија на издувни гасови ЕУРО 4 на кои е вграден уред на течен нафтен гас или компримиран земјен гас, хибридни возила и електрични возила) се означени со еколошка налепница во зелена боја, и ќе може слободно да се движат во заштитените еколошки зони“, образложуваат од Министерството.

Возилата од втората еколошка категорија, која ги опфаќа возилата со европски емисиони стандарди ЕУРО 3 и ЕУРО 4, како и возилата со емисија на издувни гасови ЕУРО 2 на кои е вграден уред за погон на течен нафтен гас или погон на компримиран земјен гас, ќе се означуваат со еколошка налепница во жолта боја за кои ќе има ограничено движење во сообраќајот.

Возилата од третата еколошка категорија, која ги опфаќа возилата со европски емисиони стандарди од ЕУРО 2 и пониско, како и возилата за кои производителот нема дефинирано емисија на издувните гасови, ќе се означуваат со еколошка налепница во црвена боја и за овие возила ќе се воведе забрана за движење во општините во период кога има загадување на воздухот.

Еколошката категоризација на возилото ја прави овластена техничка служба.

Со донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за возила, во согласност со заклучоците на Владата на Република Македонија ќе се утврдат и одредби со кои Министерството за економија се задолжува за воведување на програми за доделување на субвенции при купување на возило на електричен погон или поврат на дел од средствата на физичките или правните лица кои ќе купат возило на електричен погон или хибридно возило.

Со Програмата за субвенционирање на купување на нови хибридни и електрични возила се предвидуваат субвенции од 5.000 евра во денарска противвредност за набавка на електрични возила, а 3.000 евра во денарска противвредност за набавка на хибридно возило, а во првата година се предвидува да бидат доделени субвенции за 200 возила.

Со овој закон се предвидува Програма за субвенционирање на трошоци за вградување на уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво во постојните возила.

Со Програмата се субвенционира 50% од цената на трошоците за набавка и за вградување на уредот, но не повеќе од 300 евра во денарска противвредност за возило и се предвидува да бидат опфатени над 1.200 возила на годишно ниво.

Истовремено со Предлог-законот се предвидува Програма за субвенционирање на купување на нови возила со одјава на старо возило со цел да се зголеми увозот на нови возила во однос на половните и значително ќе се забрза обновата на возниот парк, што значително ќе се влијае на намалувањето на загадувањето на амбиенталниот воздух.

Исто така, на барање на здруженијата на такси-превозниците, за нив се воведуваат жолти таблици, со кои ќе се воведе ред во такси-услугите и со кои, од една страна, ќе се намали нелојалната конкуренција, а од друга, ќе се зголеми квалитетот на услугите што им се нудат на граѓаните.

Освен тоа, Законот ги утврдува и стандардите за регулирање на системот за вградување на плински уреди на возилата.

Сите овие измени имаат цел имплементација на европските еколошки стандарди и поттикнување на купувањето на електрични и хибридни возила, со што долгорочно ќе се влијае врз намалувањето на загадувањето на амбиенталниот воздух кое го предизвикува сообраќајот.

Како што објави Академик, Министерството за економија започна со подготвката на измените на Законот за возила на почетокот на оваа година.  Потребата од воведување еколошки налепници  ја истакнаа и градските власти, кои предложија возилата при регистрација да добиваат еколошки налепници во разни бои за полесно да се исклучуваат од сообраќајот кога е загадено.

Се воведуваат еколошки налепници за возилата и посебни таблици за такси-возилата

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ВОЗИЛА ВО СОБРАНИСКА ПРОЦЕДУРА: Еколошки налепници и субвенции за возила на електричен погон или хибридни возила

М.В