/ Прочитано:

907

МИОА во врска со законските измени за дигитализација на јавниот сектор

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, на денешната прес-конференција ги претстави Законот за централен регистар на население, Законот за електронско управување и електронски услуги и Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги.

Како што рече министерот Манчевски, законите гарантираат конечна дигитализација на јавниот сектор. На овој начин постепено ќе се намалува употребата на хартија при добивање на сите услуги потребни за граѓаните.

„Основата на овој процес е Законот за централен регистар на население. Со овој Закон се предвидува воспоставување на Регистар на население како единствена и во реално време ажурирана база на податоци за граѓаните. Податоците во овој регистар се добиени од МВР, УВМК и Централниот регистар. Ова значи дека конечно постои единствен начин на водење на поединечните бази на податоци, врз основа на утврдени стандарди и процедури“, истакна министерот Манчевски.

Со Законот за електронско управување и електронски услуги се обезбедува ефикасно и ефективно давање на услуги по електронски пат, а врз основа на утврдени стандарди и процедури.

„Законот го гарантира функционирањето на Каталогот на услуги и Националниот портал за електронски услуги. Каталогот во себе ги содржи сите потребни информации за сите услуги кои ги нуди јавниот сектор. Порталот ќе овозможи граѓаните да ги добиваат услугите по електронски пат. Како ќе расте бројот на услуги кои ќе се дигитализираат така и порталот ќе се надградува. Националниот портал за е-услуги обезбедува документи по електронски пат, кои се подеднакво валидни и се еднакви на документите добиени во хартија“, информираше министерот Манчевски.

Со третиот закон, кој се однесува на електронските документи, електронската идентификација и доверливите услуги, се дефинира и целосно се обезбедува дигитализацијата на услугите.

„Обезбедуваме гаранција електронските документи да имаат иста правна сила како документите во хартија. Владата преку МИОА за оваа намена обезбеди електронски печати за сите институции.

Сè што ќе треба да направат граѓаните за да ја активираат електронската идентификација е само еднаш да се регистрираат во системот. Тоа ќе може да го направат на два начини. Првата опција е физички, на некој од овластените шалтери. Овластени шалтери ќе има на повеќе локации низ целата држава. Втората опција за регистрација е електронски, со набавување  на токен. Граѓаните ќе можат да го направат тоа сами без воопшто да треба физички да посетат некоја институција. Од тој момент секој граѓанин ќе може да ги добива електронски законски валидните документи од својот дом, односно независно каде се наоѓаат. Документите ќе бидат доставени на е-пошта и ќе бидат со еднаква вредност како документите добиени на шалтер“, потенцираше министерот Манчевски.

„Резултат од имплементација на овие закони е елиминирање на сите бирократски чекори, шетања по шалтери, чекање во редици за добивање документ. До услугите ќе нè делат само неколку клика. Заложбата за доближување на услугите до граѓаните конечно се реализира преку овие закони. Добивањето на услуги од јавниот сектор беше синоним за губење време, нервози, различни податоци во различни документи. Тоа го менуваме. Дигитализацијата на услугите го прави овој процес поедноставен, побрз, побезбеден, поевтин, а со тоа и достапен за сите граѓани“, додаваат од МИОА.

Законите за електронски услуги, за електронски документи и за регистар на население влегуваат во собраниска процедура

Јавна трибина за Законот за централен регистар на население и за Законот за електронско управување и електронски услуги

МИОА ги објави законите за централниот регистар на население, за електронското управување и за електронските документи

Кои лични податоци на граѓаните ќе ги содржи базата на податоци за воспоставување електронски регистар на население

Законот за централен регистар на население во фаза на подготовка

Владата најавува Регистар на население кој би можел да го замени пописот

Објавени Предлог-законот за централен регистар на население и Предлог-законот за електронско управување и електронски услуги

Се подготвува и Законот за електронско управување и електронски услуги

Предлог-законот за бесплатна правна помош и Предлог-законот за електронско управување влегуваат во собраниска процедура

Законски ќе се утврдува содржината на барањата за административните услуги по електронски пат

М.В