/ Прочитано:

1.461

МОН и Студентскиот пленум заедно ќе работат на измените на Законот за високото образование

„Денеска разговаравме околу вклучување на претставници на Студентскиот пленум во работната група која ќе ги подготвува измените на Законот за високото образование и во која ќе биде отворена можноста за изворно истакнување на ставовите на студентите што ќе бидат земени предвид“, изјави министерката Дескоска, нагласувајќи дека токму тие беа единствените кои јавно и прецизно ги нагласуваа пропустите на Законот за високото образование и неговите досегашни измени, усвоени од претходната власт.

На денешната консултативна средба со претставници од Студентскиот пленум, министерката за образование и наука Рената Тренеска-Дескоска најави дека во работната група која ќе работи на подготовка на измени на Законот за високото образование ќе бидат вклучени членови на Пленумот.

Според неа, токму тие биле единствените кои јавно и прецизно ги нагласуваа пропустите на Законот за високото образование и неговите досегашни измени, усвоени од претходната власт.

„Уште во мојот прв настап, најавив дека ќе следуваат сериозни реформи во високото образование и затоа мојата првенствена цел беше да се консултирам најпрво со оние што автентично го претставија револтот на студентите за тие измени. Денеска разговаравме околу вклучување на претставници на Студентскиот пленум во работната група која е ги подготвува измените на Законот за високото образование и во која ќе биде отворена можноста за изворно истакнување на ставовите на студентите што ќе бидат земени предвид“, изјави министерката Дескоска.

Таа потенцираше дека со претставниците на Студентскиот пленум разговарале околу принципите на студентското организирање и околу начинот на студирање. На денешната средба било отворено и прашањето околу студентскиот стандард.

„Секако, и ова ќе треба да подлежи на процес на ревизија од страна на студентите, но и од страна на стручната јавност, со цел да најдеме најдобро решение кое ќе значи подобрување на студентскиот стандард во Република Македонија“, изјави министерката.

Во наредните денови, како што рече Дескоска, ќе биде отворен процес на експертска дебата, најавувајќи притоа дека ќе следуваат консултации и со други засегнати страни и лица, кои ќе бидат вклучени во изготвување на Законот за високото образование.

Претставничката на Студентскиот пленум, Деа Здравковска, нагласи дека идејата на денешната консултативна средба имала за цел да се направи ретроспектива на случувањата во високото образование во последните три години, секако во насока на покренување рефоми кои навистина ќе имаат позитивни резултати. Здравковска уште еднаш потсети дека Студентскиот пленум не беше формиран за да ја турне претходната власт, туку, како што рече, да ја критикува секоја онаа што носи непромислени и лоши реформи коишто немаат никаква основа во областа.

„Затоа ја потсетуваме новата министерка дека ние сме тука кога ќе направи некој лош чекор“, рече Здравковска.

Во однос на прашањето, пак, со ревидирање на учебниците, министерката изјави: „Ревизијата на сите учебници ќе биде дел од еден процес што ќе биде дебатиран на експертско ниво. Јас во моментов во Министерството имам добиено претставка од Народниот правобранител за учебник по општество кој содржи дискриминаторски одредби. Со оглед на тоа што јавноста честопати беше соочена со примери на учебници во кои имаме погрешни констатации, каде што има говор на омраза, каде што има дискриминаторски ставови и предрасуди, значи сите учебници ќе бидат отворени на процес на ревизија во целокупното образование, со цел да се отстранат грешките коишто учениците ги учат“, изјави таа.

А. Б.