/ Прочитано:

1.714

Намалени цени во тарифниците за услугите на Катастарот и најава за нов Закон за геодетска дејност

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Борис Тунџев денеска остварија средба на која се разговараше за можноста за подобрување на услугите во Катастарот, како и на реформите што ќе се спроведуваат во оваа дејност во наредниот период.

На средбата, исто така, се разговараше и за намалените цени во тарифниците за услугите што ги нуди Катастарот. Во таа насока, беше нагласено дека стапи на сила новиот Тарифник со кој се намалуваат цените на услугите што ги нуди Агенцијата за катастар на недвижности и дека ваквото намалување на цените ќе придонесе за намалување на трошоците на граѓаните и компаниите, а од друга страна ќе овозможи побрзо, поефикасно и навремено обезбедување на услугите.

Мерката се однесува за намалување на цените во три тарифници за услуги што ги нуди Катастарот, и тоа со намалување до 90 %, или:

Во Тарифникот за надоместокот за запишување на инфраструктурни објекти цените се намалуваат во просек за 90 %, во Тарифникот за запишување на недвижности во Катастарот  цените се намалуваат во просек за 51 %, а цените во Тарифникот за надоместок за користење на податоците од Геодетско-катастарскиот информационен систем се намалуваат во просек за 28 %.

На средбата беше нагласено дека Агенцијата за катастар на недвижности ја има најважната улога во регулацијата и развојот на геопросторната инфраструктура, урбанистичкото планирање и пазарот со недвижности. Од тие причини, посочија Сугарески и Тунџев, цел е да се воспостави високо професионален и функционален Катастар кој ќе обезбеди брзи и ефикасни услуги на граѓаните и компаниите.

„Во таа насока, дел од политиките кои ќе ги преземеме во наредниот период како наша програмска определба е донесувањето нов Закон за геодетска дејност, надвор од Законот за катастар на недвижности. Овој закон е потребен за да се усогласиме со европската регулатива која се однесува на воспоставување на нов геодетски датум и изработка на нова картографска проекција на Република Македонија“, беше истакнато на средбата.

М.В