/ Прочитано:

970

Народниот правобранител: Целосно да се почитуваат правата на бегалците во согласност со меѓународните документи

Народниот правобранител денеска по повод Светскиот ден на бегалците преку соопштение изразува загриженост што Република Македонија овој ден го одбележува со, како што вели, политика на затворени граници кон бегалците, односно луѓето што биле принудени да го напуштат својот дом поради конфликти или прогонувања.

„Народниот правобранител ги повикува надлежните институции на целосно почитување на правата на овие лица во согласност со меѓународните документи и особено Конвенцијата за статусот на бегалците од 1951, како и Протоколот од 1967. Упатувам апел за поголема солидарност со бегалците, во обид да се зачува нивното човеково достоинство и да се почувствуваат повторно безбедни, сигурни и прифатени во новата средина“, вели Народниот правобранител.

Генералното собрание на Обединетите нации во 2000 година го прогласи 20 јуни за Светски ден на бегалците, ден кој се одбележува речиси во сите делови во светот. Светскиот ден на бегалците е прогласен со единствена цел да се привлече вниманието на меѓународната јавност за тешката положба на присилно раселените луѓе ширум светот.

М.В