/ Прочитано:

3.427

Новините во измените на Законот за заштита на децата кои се во собраниска процедура

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата е на дневен ред на собраниската Комисија за труд и социјална политика, која треба да расправа за новите законски решенија.

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата се заснова на истите начела во согласност со кои е донесен Законот за заштита на децата. Предложените измени и дополнувања на Законот за заштита на децата ги содржат следните решенија:

Износот на утврдената висина на правото на посебен додаток со Законот за заштита на децата да се зголеми од 4.202 денари  на 5.021 денари како и на зголемените износи  (за самохран родител кој има дете со специфични потреби кое има пречки во телесниот или менталниот развој или комбинирани пречки во развојот до 26 години) да се зголеми  од 6.303 денари  на 7.351 денари,  и за материјално необезбедени родители, кои се корисници на социјална парична помош и постојана парична помош кои имаат дете со специфични потреби кое има пречки во телесниот или менталниот развој или комбинирани пречки во развојот до 26 години живот да се зголеми од 5.252,50 денари  на 6.276 денари.

Со предложените измени се овозможува на правните лица кои имаат организирано згрижување и воспитание на деца, покрај за потребите на нивните вработени, да се даде можност за згрижување и воспитание  и на деца на кои родителите не се вработени во правното лице.

Во Предлог-законот на заинтересираните кандидати за стекнување  на соодветна лиценца им се дава можност при полагање на испитот  (теоретскиот дел и студијата на случај)  да се изјаснат  за начинот на полагање,  во еден ден  двата дела  или  одделно.

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата ќе предизвикува дополнителни финансиски импликации врз Буџетот на Република Македонија за 2018 година износ од 32.523.00 денари.

М.В