/ Прочитано:

3.115

Новините во предложениот закон за јавното обвинителство

Министерството за правда подготви нов Предлог-закон за Јавно обвинителство, во кој се здружуваат постојните капацитети на СЈО и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во Јавно обвинителство за гонење криминал и висока корупција.

„Надлежностите од двете постојни јавни обвинителства преминуваат во новоформираното Јавно обвинителство, кое продолжува да ги води започнатите постапки во фазата во која се преземени. Воедно, се обезбедува континуитет во функционирањето: обвинителите и истражителите кои работеле досега ќе продолжат да ја вршат својата работа во ова обвинителство.

Јавното обвинителство за гонење криминал и висока корупција ќе биде надлежно за најсложените форми на организиран криминал и висока корупција, позната како корупција на белите јаки. Така се дефинирани и неговите надлежности како здружување на надлежностите на двете постојни јавни обвинителства.

Клучната гаранција е финансиската независност, која претставува основниот столб и предуслов за независност на секоја институција, па и на јавното обвинителство“, велат од Министерството за правда.

Образложението на законските одредби во целост:

„Предлог-законот за јавното обвинителство содржи 111 члена структурирани во 25 глави.

Во Првата глава се дадени општите одредби каде што се пропишува предметот на уредување на овој закон. Исто така, во оваа глава е пропишано дека јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон.

Во Втората глава е уредена организацијата на јавното обвинителство. Имено, јавното обвинителство е организирано како Јавното обвинителство е организирано како Jавно обвинителство на Република Северна Македонија, виши јавни обвинителства и основни јавни обвинителства и Jавно обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција.

Во Третата глава се регулира материјата за стручниот колегиум на јавното обвинителство. Имено, стручниот колегиум е постојано стручно и советодавно тело во остварување на функцијата на јавниот обвинител во јавните обвинителства со повеќе од три јавни обвинители. Колегиумот го сочинуваат јавниот обвинител на јавното обвинителство и јавните обвинители во јавното обвинителство.

Во оваа глава се уредени и надлежностите на стручниот колегиум.

Вршењето на функцијата на јавното обвинителство е уредено во Четвртата глава од овој закон. Така, функцијата на во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија ја врши јавниот обвинител на Република Северна Македонија и јавните обвинители во тоа обвинителство. Функцијата на јавното обвинителство во вишото јавно обвинителство ја врши виш јавен обвинител на вишото јавно обвинителство и јавни обвинители во тоа обвинителство. Функцијата на јавното обвинителство во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција ја врши јавен обвинител на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција и јавни обвинители во тоа обвинителство. Функцијата на јавното обвинителство во основното јавно обвинителство ја врши основен јавен обвинител на основното јавно обвинителство и јавни обвинители во тоа обвинителство.

Во Петтата глава се уредува материјата за преземањето на кривично гонење. Имено, во членот 29 е пропишано дека Јавниот обвинител на Република Северна Македонија одлучува во случај на судир на надлежност меѓу две или повеќе јавни обвинителства. Јавниот обвинител на Република Северна Македонија може да го преземе кривичното гонење и вршењето на одделни работи за кои е надлежен виш јавен обвинител, или основен јавен обвинител или да ги овласти да водат постапка по одделни предмети или да вршат определени работи од надлежност на друг јавен обвинител. Јавниот обвинител на Република Северна Македонија без согласност на јавниот обвинител на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција не може да преземе кривично гонење или вршење на одделни работи за кои е надлежно Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција или да овласти друго јавно обвинителство да води постапка по одделни предмети или да врши определени работи од надлежност на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, освен ако при надзорот од член 28 ставот (3) од овој закон се утврди дека јавнообвинителската функција не се врши согласно роковите утврдени во Законот за кривична постапка. Виш јавен обвинител може да го преземе кривичното гонење и вршењето на одделни работи за кои е надлежен јавен обвинител во основно јавно обвинителство од подрачјето на тоа вишо јавно обвинителство или да овласти јавен обвинител во основно јавно обвинителство од подрачјето на тоа вишо јавно обвинителство да води постапка по одделни предмети или да врши определени работи од надлежност на друг основен јавен обвинител од подрачјето на тоа вишо јавно обвинителство.

Надлежностите на јавното обвинителство се уредени во Шестата глава. Така, јавното обвинителство постапува во границите на својата стварна и месна надлежност, ако со закон поинаку не е определено. Основното јавно обвинителство постапува пред основен суд. Вишото јавно обвинителство постапува пред апелационен суд. Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција постапува пред специјализираното судско одделение надлежно за судење на дела од областа на организираниот криминал и корупција, во Основниот кривичен суд  Скопје и во втор степен по предметите од негова надлежност. Јавното обвинителство на Република Северна Македонија постапува пред Врховниот суд на Република Северна Македонија. Исто така, Јавното обвинителство постапува и пред други органи и други правни лица на своето подрачје кога за тоа е овластено со закон.

Во Седмата глава е уредена материјата за оценување на работата на јавните обвинители. Во тој контекст, пропишано е дека следењето на работата на јавен обвинител се врши преку редовно и вонредно оценување. Оценувањето на работата на јавните обвинители се врши за период од четири извештајни години, заклучно со крајот на јуни во тековната година, за работата на јавниот обвинител во претходните четири години.

Критериумите за оцена на јавните обвинители се дадени во Осмата глава и тоа се:

–           стручност и квалитет во одлуките, правните лекови и други писмена,

–           ажурност и ефикасност,

–           непристрасност и совесност,

–           углед и етичност достојни за функцијата,

–           соработка и однос спрема странките и другите вработени во обвинителството,

–           способност и спремност за стручно усовршување и стекнување со нови знаења,

–           организаторски способности.

Начинот и постапката за оценување на јавните обвинители се пропишани во Деветтата глава. Имено, оценувањето на  работата на јавните обвинители се врши со непосреден увид во предметното постапување, месечни извештаи, преку непосреден разговор со јавниот обвинител кој се оценува, разгледување на претставки, поплаки или пофалби за неговата работа што се регистрираат во  професионалното досие за секој обвинител.

Во Десеттата глава уредена е постапката за повторно оценување.

Во Единаесеттата глава е уредена материјата за извештајот за работа на јавното обвинителство. Имено, секое јавно обвинителство изготвува годишен извештај за својата работа. Пониското јавно обвинителство извештајот го доставува до непосредно повисокото јавно обвинителство. Јавното обвинителство  за организиран криминал и висока корупција извештајот го доставува до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, изготвува единствен годишен извештај за работата на сите јавни обвинителства.

Прашањата за општите писмени упатства и за дежурствата се уредени во главите 12 и 13, додека материјата за меѓународната соработка, иницијативите за оцена на уставноста и законитоста и надлежностите во другите постапки се уредени во главите 14, 15 и 16.

Во главата 17 е уредена материјата за именување и избор на јавни обвинители. Така, во членот 61 се пропишани општите услови за избор на јавен обвинител.

Во членот 62 се пропишани посебните услови за избор на јавен обвинител.

Во главата 18 се уредени прашањата за правата и обврските за јавните обвинители, а во главата 19 материјата за престанок на функцијата и разрешување на јавните обвинители. Така, на јавен обвинител му престанува функцијата

– по сопствено барање,

– ако го изгуби државјанството на Република Северна Македонија,

– ако трајно ја загуби способноста за вршење на функцијата јавен обвинител,

– ако ги исполни условите за старосна пензија со право на продолжување согласно законот за работни односи,

-ако на негово барање и со негова согласност е избран или именуван на друга јавна функција, освен кога функцијата јавен обвинител мирува под услови утврдени со овој закон или

– ако е осуден со правосилна судска одлука на казна затвор во траење од најмалку шест месеца

Во главата 20 се дефинирани дисциплинските повреди, и тоа тешките и лесните дисциплински повреди. Согласно препораките на повеќе меѓународни организации, во однос на дисциплинската постапка се направени значајни измени. Имено, целосно е испочитуван принципот на пропорционалност меѓу пропишаните повреди и дисциплински мерки. Исто така, дисциплинските повреди се целосно преуредени со што тие се јасни, прецизни и предвидливи.

Во главата 21 е уредена дисциплинската постапка, а во главата 22 дисциплинските мерки. Согласно член 95 во законот се предвидени следниве дисциплински мерки, и тоа: за утврдена лесна дисциплинска повреда на јавен обвинител, може да се изрече една од наведените дисциплински мерки:

– писмена опомена,

– намалување на платата  до 15% од месечната плата на јавниот обвинител во траење од еден до шест месеци.

Во истиот член е пропишано дека за утврдена тешка дисциплинска повреда на јавен обвинител може да се изрече една од наведените дисциплински мерки:

– намалување на платата во висина од 15% до 30% од месечната плата на јавниот обвинител во траење од еден до шест месеци и

– разрешување.

Во главата 23 е уредена материјата за јавно обвинителски советници и соработници, додека во главата 24 се уредени прашањата за финансирањето на јавното обвинителство. Така, материјата за јавнообвинителските службеници детално ќе биде уредена во законот за јавнообвинителска служба, што е случај и со постојниот закон. Исто така, клучниот дел од законот е оној кој се однесува на финансирањето на јавното обвинителство, со посебен акцент на јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција.

Преодните и завршните одредби се уредени во главата 25 од овој закон. Клучните одредби од овој закон се однесуваат на статусот на јавните обвинители, истражителите и вработените во постојното Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите и во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кои се спојуваат во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција. Исто така, со денот на отпочнувањето на примената на овој закон, надлежностите на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите и надлежностите на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција преминуваат во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција, а започнатите постапки продолжува да ги води Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција во фазата во која се преземени. Во преодните и завршни одредби е пропишано и дека законот ќе отпочне да се применува од 15 септември 2019 година.“

Оставка на Катица Јанева

Анализа за трансформацијата на СЈО и проблемот со неговата уставност

Министерство за правда: Законот за јавното обвинителство е закон без скриена амнестија

Граѓанските организации бараат повлекување на Предлог-законот за јавното обвинителство

Јавниот обвинител на СЈО за својата работа ќе одговара пред републичкиот  јавен обвинител

Детално образложение на Законот за јавното обвинителство, во кој е уреден и статусот на СЈО

Новините во предложените измени на Законот за Советот на јавните обвинители

Детално образложение на Законот за јавното обвинителство, во кој е уреден и статусот на СЈО

СЈО да биде дел од ЈО, со посебна автономија

Јовески: Да постои единствен закон за Јавно обвинителство, во кој би се вклопил и Законот за СЈО

Објавен текстот на Предлог-законот за Специјалното јавно обвинителство – се предвидуваат нови надлежности на СЈО

Министерството за правда подготвува Закон за Специјалното јавно обвинителство

М.В