/ Прочитано:

3.343

Новиот Закон за парничната постапка – реформа која сé уште е во собраниска процедура

Работната група при Министерството за правда во текот на 2020 година изработи текст за целосно нов закон за парнична постапка. Владата на РСМ го усвои како Предлог-закон на 92. седница, а веќе кон почетокот на август 2021 година беше поднесен до Собранието.

Во законското образложение на Предлог-законот се истакнува дека со донесувањето на предложениот закон се очекува да се надминат констатираните слабости и да се подобрат законските одредби во насока на нивна поголема применливост. Текстот на Предлог-законот законот претходно беше објавен во септември 2020 година.

Голем интерес за новиот ЗПП кај стручната јавност и граѓанските организации

Од Блупринт групта за реформи на правосудтсвото во Извештајот за спроведувањето на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор нагласуваат  дека по објавувањето на текстот на Предлог-законот на ЕНЕР пристигнале повеќе од стотина коментари што укажува на значителен интерес на, пред сè, стручната јавност, но и граѓанските организации за предложените законски решенија.

Дополнително, истакнуваат од Блупринт групата, во март 2021 година беше организирана и јавна расправа. Пристигнатите забелешки и коментари беа земени предвид од работната група и текстот беше финализиран истиот месец.

„Заглавена“ постапка за донесување на Законот

Предлог-законот сé уште, повеќе од пола година по поднесувањето во Собранието, е во фаза на прво читање на разгледување пред работните тела на Собранието и не е претресен на пленарна седница на Собранието.

„Според информациите објавени на веб-страницата на Собранието, предлог-законот е ставен на дневен ред на работните тела, меѓутоа по него не е отворен претрес. Во отсуство на образложение зошто постапката е „заглавена“, како една од причините може да биде околноста дека се работи за закон што се носи со двотретинско мнозинство (затоа што уредува судска постапка) и за кој се бара општ консензус помеѓу политичките партии или е предмет на одредени политики преговори“, посочуваат од Блупринт групата во Извештајот за спроведувањето на Стратегијата за реформи во правосудниот сектор 2018-2022.

Од Блупринт групата додаваат дека Предлог-законот предвидува сеопфатна реформа во голем број правни институти што се уредуваат со Законот за парнична постапка. Тој, според предлагачот, цели кон унапредување на парничната постапка, успешно и ефикасно остварување на правата и интересите на сите учесници во постапката и прецизирање и усогласување на одредбите од Законот за парничната постапка со другите поврзани закони.

Клучните новини во новиот Предлог- ЗПП

Како особено релевантни за правниот систем, покрај големиот број номотехнички унапредувања и надминувања недоречености во законскиот текст, можат да се издвојат:

  • Усогласување на поднесоците во електронска форма, како и доказната сила на документите во електронска форма, со релевантните законски одредби за електронско работење во државата, како и уредување на електронска достава;
  • Упатување на примена на Законот за бесплатна правна помош во случаите кога странката во постапка не располага со средства да ги покрие трошоците на постапката;
  • Се пропишува дека судот може да определи вештачење и без предлог од странката, како и бришење на одредбата според која наодот од вештачењето треба да се достави со тужбата;
  • По повод жалба првостепената пресуда може да се укине само еднаш;
  • Проширени се основите за примената на ревизијата, односно таа е секогаш дозволена и во спорови за заштита од дискриминација и во спорови за психичко вознемирување на работно место (мобинг);
  • Намалена е вредносната граница за споровите од мала вредност;
  • Се пропишува посебна постапка за заштита на колективните интереси и права.

Посебна постапка за заштита на колективни права

Блупринт групата потенцира дека значајни новини за кои се очекува да имаат позитивно влијание се: намалувањето на висината на паричната казна за учесниците во постапката, воспоставувањето посебна постапка за заштита на колективни права (заштита на животната средина, спречување дискриминација, потрошувачки права, здравствени права и други интереси), отстранување на обврската вештачењето да се достави со тужбата, како и предвидувањето право на ревизија во спорови за заштита од дискриминација и во спорови за психичко вознемирување на работно место (мобинг).

Значајна улога во заштитата на имотните права на граѓаните

Исто така, ЗПП има особено значајна улога во заштитата на имотните права на граѓаните затоа што ја воспоставува рамката во која се решаваат сопственичките и семејните спорови, како и прашањата поврзани со долговите. Правна рамка што ги фаворизира компаниите и лицата во поповолна материјална положба во споредба со посиромашните и правно неуките странки може значително да го отежни пристапот до суд и со тоа да влијае на засилување на затворениот круг на сиромаштијата.

 

Законот за парничната постапка пред Законодавно-правната комисија

Законот за парничната постапка во собраниска процедура со европско знаменце

Објавени коментарите и предлозите за Законот за парничната постапка со осврт на работната група за секој од нив

Во подготовка нов Закон за парничната постапка – објавен текстот на Нацрт-законот