Новиот Закон за вршење сметководствени работи во собраниска процедура со европско знаменце
Владата во Собранието го поднесе новиот Предлог на закон за вршење сметководствени работи. Предлог-законот е поднесен со европско знаменце.
„Согласно Закон за вршење на сметководствени работи надзор на одредбите на овој закон и надзор над Институтот за сметководители и овластени сметководители врши Министерството за финансии.
Со цел воведување на надзор над сметководствената професија од самостојно и независно тело, со Предлог законот се предлага воспоставување на Совет за унапредување и надзор на сметководствената професија на Република Северна Македонија како независно регулаторно тело со јавни овластувања.
Предлог законот за вршење на сметководствени работи е во насока на поголема вклученост на членовите на Институтот во неговата работа.
Законот чие донесување се предлага се заснова врз следните начела:
– законитост,
– стручност и професионалност,
– непристрасност,
– независност и
– транспарентност.
Основните решенија кои се предлагаат се во насока на :
– дефинирање на Институтот како правно лице со јавни овластувања,
– доуредување на работењето на Институтот во делот на надлежностите, составот, мандатот на органите и комисиите и престанување на членството во истите, како и висината на надоместоците на органите и комисиите на Институтот. Исто така, заради обезбедување на инклузивност и транспарентност во работењето, работите на Институтот ќе се извршуваат преку електронски систем на Институтот;
– се овозможува влез во сметководствената професија со полагање испит за стекнување со статус на сметководител и овластен сметководител;
-Заради унапредување и надзор на сметководствената професија се формира Совет за унапредување и надзор на сметководствената професија, кој ќе биде надлежен орган за надзорот над работата на Институтот и давањето согласност на актите на Институтот;
-унапредување на постојниот концепт на континуираното професионално усовршување, преку воведување на нови облици на континуирано професионално усовршување;
-доуредување на решенијата во врска со бришењето од регистрите на Институтот;
-доуредување на решенијата во врска со дисциплинската постапка и дисциплинските мерки;
– доуредување на одредбите во врска со контролата на квалитет која ја спроведува Институтот во насока на допрецизирање на опфатот на контролата на квалитет, уредување на начинот на нејзино вршење и дефинирање на контролни мерки кои можат да им се изречат на субјектите на контрола“, се вели во законското образложение.
Во подготовка Закон за вршење на сметководствени работи
М.В