Објавен е текстот на Предлог-законот за јавните набавки кој е во фаза на подготовка
Министерството за финансии го објави Предлог-законот за јавните набавки кој е во фаза на подготовка. Основните цели на Законот се усогласување со Директивата за јавни набавки во класичниот јавен сектор 2014/24/ЕУ, со Директивата за јавни набавки во секторските опфатени дејности 2014/25/ЕУ, доусогласување со Директивата за правни лекови во постапките за јавни набавки 2007/66/ЕК, воведување нова форма на претходна контрола според искуствата во одредени европски земји, поедноставување на постапките, зголемување на транспарентноста и отстранување одредени слабости во досегашната примена.
„Постојниот Закон за јавните набавки беше донесен во 2007 година, а започна да се применува од 1 јануари 2008 година. Тој се базираше на директивите за јавни набавки на Европската Унија од 2004 година, кои беа актуелни во тој период, и беше со висок степен на усогласеност. Во меѓувреме беа донесени бројни измени и дополнувања на Законот кои, според оцената на Европската комисија, го оддалечија од европското законодавство во оваа област. Исто така, во 2014 година се донесоа нови директиви за јавни набавки во класичниот јавен сектор 2014/24/ЕУ и во секторските дејности 2014/25/ЕУ. Поаѓајќи од обврските на Република Македонија содржани во Спогодбата за стабилизација и асоцијација, се јави потребата од усогласување на прописите за јавни набавки со актуелните европски директиви во оваа област. Со новиот Закон за јавните набавки ќе се отстранат и одредени слабости кои беа забележани во досегашната примена и ќе се зголеми транспарентноста“, се вели во законското образложение.
Со Законот за јавните набавки се уредуваат начинот и постапките за вршење јавни набавки, надлежностите на Бирото за јавни набавки и на Државната комисија за жалби по јавни набавки, правната заштита во постапките за јавни набавки и за концесии и јавно приватни партнерства. Покрај Законот, правната рамка која го уредува системот на јавните набавки содржи повеќе подзаконски акти кои ги носи Владата на Република Македонија и министерот за финансии.
Институционалната рамка, посочуваат од Министерството за финансии, се состои од институции кои имаат централна функција во уредувањето на системот на јавните набавки, институции кои имаат контролна функција, институции чии надлежности влегуваат во доменот на функционирањето на системот на јавните набавки, како и сите договорни органи и економски оператори кои учествуваат во постапките за јавни набавки.
Бирото за јавни набавки е централна институција задолжена за следење на функционирањето на системот на јавните набавки. Покрај тоа, Бирото управува со Електронскиот систем за јавни набавки, спроведува задолжителна сертификација на службениците за јавни набавки и ги координира меѓународните активности поврзани со јавните набавки. Во делот на нормативната дејност, Бирото тесно соработува со Министерството за финансии, во чиј состав е од организациски аспект. Државната комисија за жалби по јавни набавки е централната институција за контрола во постапките за јавни набавки преку системот на правна заштита. Тука свои надлежности имаат и: Државниот завод за ревизија, Државната комисија за спречување на корупцијата, Комисијата за заштита на конкуренцијата и сл.
„Станува збор за сложен систем кој вклучува многу засегнати страни, како од јавниот така и од приватниот сектор, кој содржи бројни постапки низ кои се трошат многу јавни средства. Од тие причини, системот на јавните набавки се базира на начелата на јавност и транспарентност, на еднаков третман на економските оператори и на рационално користење на јавните средства, со што ќе се добие најдобра вредност за потрошените пари“, велат од Министерството за финансии
Нацрт – закон за јавните набавки
М.В