Објавен текстот на Предлог-законот за попис
Министерството за правда го објави Предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2020 година.Предлог-законот може да се коментира на следниот линк.
Со Предлог-законот се уредува содржината, подготовката, организацијата и спроведувањето на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2020 година, надлежните органи за спроведување на Пописот, правата и обврските на надлежните органи, стручните тела и другите учесници во спроведувањето на Пописот, правата и обврските на давателите на податоците во Пописот, единиците кои се опфаќаат со Пописот, пописните реони, употребата на јазиците во Пописот, начинот на спроведување на Пописот, користењето, чувањето и заштитата на податоците од Пописот, обработката и објавувањето на податоците од Пописот, информирањето на населението за целите и значењето на Пописот и неговото финансирање.
Се предлага пописот во Република Македонија да се спроведе во периодот од 1 до 21 април 2020 година. Со Пописот ќе се приберат информации за лицата, домаќинствата и становите на територијата на Република Македонија.
При спроведувањето на пописот ќе се користат податоци од административни збирки на податоци и ќе се врши истовремено попишување на терен како поддршка на попишувачите. Пописот ќе се спроведе со употреба на пренослив компјутер, на посебна апликација, при што задолжително се применуваат технички и организациски мерки согласно прописите за заштита на личните податоци.
Апликацијата со која ќе се врши попишувањето ќе биде изготвена на 7 (седум) јазици: македонски, албански, турски, ромски, влашки, српски и бошњачки. Попишувањето, се пропишува во Предлог-законот, ќе се врши на јазикот што ќе го избере лицето кое се попишува или лицето кое ги дава податоците.
Со пописот ќе бидат опфатени лица кои се државјани на Република Македонија кои имаат живеалиште или престојувалиште во Република Македонија, без оглед на тоа дали во моментот на Пописот се наоѓаат во Република Македонија или во странство, потоа странски државјани кои се присутни во Република Македонија со одобрение за престој и лица без државјанство кои во моментот на спроведување на Пописот се затекнати во Република Македонија;
За лицата што ќе бидат опфатени со пописот ќе се обезбедат податоци за Географски карактеристики; Демографски карактеристики; Економски карактеристики; Образовни карактеристики; Миграциски карактеристики; Културолошки карактеристики; Инвалидитет/функционална попреченост.
Со Пописот ќе бидат опфатени и домаќинствата, становите и други населени простории. Со Пописот, за домаќинствата ќе се приберат податоци за карактеристиките на домаќинствата и семејствата на лицата опфатени со Пописот и условите за домување. Со Пописот, за становите ќе се приберат податоци за карактеристиките на становите и зградите во кои тие се наоѓаат.
За лицата-државјани на Република Македонија кои се на привремена работа или престој во странство ќе се овозможи самопопишување во периодот од 15 март до 31 март 2020 година на посебна апликација која е достапна на ВЕБ страницата на Државниот завод за статистика, при што задолжително се применуваат технички и организациски мерки согласно прописите за заштита на личните податоци.
Пописот го организира и спроведува Државниот завод за статистика, а Директорот на Државниот завод за статистика пропишува Методологија за Пописот со дефиниции на единиците што се попишуваат и белезите за кои се прибираат податоци, во согласност со „Препораките на ООН за пописите на населението и домувањето во ЕЦЕ Регионот околу 2020 година” и ЕУ Регулативите за пописите на населението и домувањето: 2017/543, 2017/ 712 и 2017/881;
„Прашањата содржани во пописната апликација за спроведување на Пописот ќе се утврдат и ќе се објават во „Службен весник на Република Македонија“, во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој Закон“, се пропишува во Предлог- законот.
Новиот Закон за попис се подготвува во Министерството за правда
М.В