/ Прочитано:

2.353

Објавени предложените измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги

Министерството за информатичко општество и администрација ја објави последната верзијата на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Предлог-законот е резултат на коментарите добиени на Единствениот национален електронски регистер (ЕНЕР), каде што претходната нацрт-верзија беше објавена на 4.11.2017, по што сите заинтересирани страни имаа можност од 26 дена да испраќаат свои коментари и предлози.

„Процесот за подготовка на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги започна со првата јавна дискусија што се одржа на 14.7.2017. На 20.11.2017 министерот Дамјан Манчевски и министерот без ресор задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност Роберт Поповски ја одржаа втората јавна дискусија посветена на овој закон. Во изминатите неколку месеци беа остварени голем број средби и состаноци со сите заинтересирани страни и беа сослушани и разгледани мислењата на сите кои покажаа интерес да се вклучат во процесот на подготовка на Предлог-законот“, велат МИОА.

МИОА ја објавува последната верзија на Предлог-законот пред да биде дел од владина процедура.

Во прилог: Предлог-законот за именување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

М.В