/ Прочитано:

2.312

Обложувалниците и казината да бидат оддалечени најмалку 500 метри од училиштата, факултетите и библиотеките

Група пратеници во Собранието на РМ предлагаат измени на Законот за игрите на среќа и забавните игри, кои се на дневен ред на Законодавно-правната комисија.  Од досегашната имплементација на Законот, велат пратениците, постојат повеќе недоследности и можност за произволно толкување.

Имено, потребата од дорегулација на оваа материја се наметна од секојдневните проблеми со кои се засегнати граѓаните, општините и самата држава. Оддалеченоста, односно неуреденоста на регулативата во врска со тоа на кој простор треба да се наоѓаат деловните простории за приредување на игрите на среќа е голема празнина, па многу често имаат несоодветна местоположба, односно се наоѓаат до градинки, училишта итн.

Со Предлог-законот се уредува ова прашање за кое постоеја многу граѓански интервенции и иницијативи на здруженија за дислокација на обложувалниците и казината.

Со Предлог-законот се уредува и начинот на користење на средствата за финансирање на спортот, односно се зголемуваат износите со цел искористување на средствата добиени од посебните давачки од игрите на среќа за создавање на услови за спортски активности, кои треба да бидат насочени кон создавање на здрави навики на граѓаните за сметка на порочните навики кои се веќе стекнати со големата раширеност на субјектите што приредуваат игри на среќа.

„Во предложените измени се предлага просториите во кои се приредуваат посебните игри на среќа (игри на среќа во казино, игри на среќа во обложувалница и игри на среќа во автомат клуб) и електронските игри на среќа (видеолотарија, електронско бинго и електронско кено) задолжително да се оддалечени најмалку 500 метри од објекти во кои се вршат воспитно-образовни дејности (основни и средни училишта), високообразовна дејност (факултети, универзитети, институти и сл.), библиотеки, установи во кои се врши дејност на згрижување на деца (особено детски градинки, домови за згрижување на деца без родители и сл.)“, се предлага во законските измени, кои се во собраниска процедура.

М.В