/ Прочитано:

2.461

(ОБНОВЕНО) СЛУЧАЈ „ЌЕЛИЈА“: Шестмина осомничени изразија подготвеност за признавање вина

Првоосомничениот, оџата Реџеп Мемиш, Фазли Суља, Мухамед Шеху, Сејфула Едемовски, Ахмет Дарлишта и Ресуљ Саити рекоа дека се чувствуваат за виновни, ја признаваат вината и бараат во спогодба со јавниот обвинител да им биде определена казната.

1 isis

Под силно полициско обезбедување, денеска во скопскиот Кривичен суд се одржа Јавна седница за оцена на обвинителниот акт за случајот „Ќелија“, во кој единаесет лица се товарат за сторено кривично дело „учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации“ од чл. 322а од Кривичниот законик.

Обвинението се темели на три категории активности кои ги вршеле осомничените

Обвинителот во случајот, Владимир Милошевски, при презентирањето на обвинителниот акт пред Судот, истакна дека опфатените дејствија, кои ги сториле осомничените, започнале во октомври 2014 година.

„Има три категории на дела кои ги им се ставаат на товар на осомничените. Прво, регрутирање лица во странски војски или паравоени формации, второ, собирање финансиски средства и материјална помош за поддршка на лицата кои ќе се приклучат во странска војска или паравоена формација, обезбедување на нивното патување, обука и учество во странската војска и трета категорија на дела – учество во странска војска“, рече обвинителот Милошевски.

Тој истакна дека се собрани поголем број на материјални докази со кои се докажуваат делата што им се ставаат на товар, а поради тоа што групата осомничени биле многу затворени како целина која заеднички функционирала, биле применети и посебни истражни мерки за следење на комуникациите меѓу нив и меѓу осомничените и трети лица.

2 isis

„Обезбедени се докази и од претрес на нивните домови, сослушани се осомничените во текот на истрагата, а им беше дадена и можност да извршат увид во доказите и да предлагаат свои докази“, рече обвинителот.

Адвокатот Ангел Георгиев прв изрази приговор на обвинението, според кого во обвинителниот акт не биле допрецизирани делата што им се ставаат на товар на обвинетите, односно сите биле инкорпорирани како едно дело, иако станува збор за различни ставови од членот од Законот за кривична постапка според кој се гонат осомничените.

На забелешката реагираше обвинителот Милошевски и пред Судот истакна дека делата не се поврзани, туку станува збор за одделни дејствија при извршувањето на кривичното дело.

И останатите адвокати имаа забелешки на обвинението, но како најсуштествена процесна повреда на постапката ја истакнаа неможноста на обвинетите да ги видат доказите врз основа на кои треба да одлучат дали ќе одат на спогодба за признавање на вина.

„Ниту еден обвинет ги нема видено доказите. Само јас ги имам видено. Нам ни се потребни доказите за да можеме да изградиме став по однос на признанието на вина“, рече адвокатот Асмир Алиспаиќ.

„Ние имавме една недела работа со обвинителот во увид на доказите и од тие илјадници докази, верувајте, успеавме да видиме само 7 до 10 проценти, што не е доволно за ваков предмет“, рече адвокатот Слободан Благојевиќ.

3 isis

Шестмина осомничени изразија подготвеност за признавање вина

По куса пауза за консултација со своите клиенти, на директно прашање од Судот дали се чувствуваат за виновни, прво четворица, а потоа уште двајца осомничени рекоа дека се подготвени да ја признаат вината.

Првоосомничениот, оџата Реџеп Мемиш, рече дека е верско лице и семеен човек со две деца и дека во вакви околности не му е лесно да ја признае вината бидејќи не може тоа да им го направи на своите најблиски. Сепак, откако останатите осомничени се изјаснија, тој се премисли и рече дека ја признава вината.

Подготвеност за признавање на вина изразија и осомничените Фазли Суља, Мухамед Шеху, Сејфула Едемовски, Ахмет Дарлишта и Ресуљ Саити. Сите истакнаа дека признавањето го прават доброволно и без притисок од никого.

Останатите петмина осомничени, меѓу кои и Стефан Стефановски, рекоа дека не се чувствуваат виновни.

„Јас сум медицинско лице и во текот на своето образование бев учен дека на секого треба да му давам помош, без разлика на неговата верска или национална определба“, рече Стефановски пред Судот и додаде дека не се чувствува за виновен.

Претседавачот со Судскиот совет за оцена на обвинителниот акт, судијката Сандра Крстиќ, ги упати осомничените на спогодба за признавање на вината со јавниот обвинител. Таа ја закажа следната Јавна седница за оцена на обвинителниот акт за 25 март, до кога осомничените и обвинителот треба да постигнат спогодба или да останат на приговорите на обвинението.

4 isis

Адвокатите на осомничените велат дека Јавната седница е процесен филтер за испитување на основаноста на обвинителниот акт и дали е тој подобен и дали располага со докази за да може да се излезе на главна расправа.

„Покрај приговорите, ние ја изнесовме и подготвеноста за признавање на вина, што упатува на одложување на рочиштето за оцена на обвинителниот акт со можност за спогодување со застапникот на обвинението. Ова денеска не значеше признавање на вина, туку подготвеност за да можеме да ја искористиме можноста за спогодба со обвинителот“, рече адвокатот Георгиев.

„Јас и мојот колега Алиспаиќ сме изненадени од подготвеноста на некои осомничен за признавање на вина. Нашите клиенти не признаа вина. Оние кои изразија подготвеност, пак, кога беа прашани за што признаваат вина, тие не можеа да одговорат бидејќи не ги виделе доказите, што мене ми е многу чудно“, рече адвокатот Ефто Спировски.

Според одбраната, делото кое им се става на товар на осомничените е ново дело кое е воведно во Кривичниот закон, а тие се првите што одговараат за тоа дело и поради тоа сметаат дека обвинението е непрецизно. Тие очекуваат Судот да не го прифати обвинителниот акт бидејќи нема прецизни докази и нема опис на дејствијата кои им се ставаат на товар на осомничените.

Марија Севриева