Од 1 јуни забрана за плаќање со готовина на стоки и услуги во износ од 500 евра
Од утре ќе биде забрането плаќање со готовина на стоки и услуги во вредност над 500 евра. Оваа забрана произлегува од новиот Закон за спречување перење пари и финансирање тероризам. Имено, во членот 182 од Законот се пропишува:
„Од 1 јуни 2019 година, забраната за плаќање со готовина на стоки и услуги од членот 48 од овој закон, ќе се однесува на готовински плаќања, во износ од 500 евра или повеќе во денарска противвредност во вид на една или повеќе очигледно поврзани трансакции, што не е извршено преку банка, штедилница или преку сметка во друга институција која дава платежни услуги.“
Во истиот член, исто така, се пропишува дека од 1 јануари 2019 година, забраната за плаќање со готовина на стоки и услуги од членот 48 од овој закон ќе се однесува на готовински плаќања во износ од 1.000 евра или повеќе во денарска противвредност во вид на една или повеќе очигледно поврзани трансакции, што не е извршено преку банка, штедилница или преку сметка во друга институција која дава платежни услуги.
Во членот 48 од Законот на кој упатува членот 182 се пропишува дека се забранува плаќање со готовина на стоки и услуги во износ од 2.000 евра или повеќе во денарска противвредност во вид на една или повеќе очигледно поврзани трансакции, што не е извршено преку банка, штедилница или преку сметка во друга институција која дава платежни услуги.
Субјектите што со закон се овластени за регистрација на хартии од вредност, друг имот или правни работи, или за пријавување или вршење на пренос на пари, хартии од вредност или друг имот, можат да извршат таква регистрација или пренос само ако клиентот поднесе доказ дека преносот на парите над износот од 2.000 евра е извршен преку банка, штедилница или преку сметка во друга институција која дава платежни услуги.
Забраната од ставот не се однесува на приредувачите на игри на среќа.
М.В